Работа Раскажување на човечките приказни преку накитот Елена Ристовска Историчар на уметност и дизајнер на накит Пишува: Тања Тодоровска MЛАДАТА И ТАЛЕНТИРАНА ЕЛЕНА РИСТОВСКА НИЗ НАКИТОТ ШТО ГО ИЗРАБОТУВА ГИ РАСКАЖУВА ПРИКАЗНИТЕ ОД СВОЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ. УМЕТНИЧКИТЕ ИДЕИ И ИНСПИРАЦИЈА ГИ ПРЕТОЧУВА ВО УНИКАТНИ ФИЛИГРАНСКИ, НО И ПАРЧИЊА ИЗРАБОТЕНИ ОД МЕСИНГ. НЕЈЗИНАТА ДАРБА НЕОДАМНА БЕШЕ НАГРАДЕНА ОД ШКОЛАТА ЗА СОВРЕМЕН НАКИТ ВО БУКУРЕШТ, А ВЕЌЕ ДВЕ ГОДИНИ ИЗЛОЖУВА СВОИ ПАРЧИЊА ВО ПЕКИНГ. Кога почнавте со изработка на накит? Колку првите изработени парчиња се разликуваат од оние денес? Кога вака ќе погледнам наназад, враќајќи си ги спомените од средношколските денови, па и од детството, всушност можам да согледам дека креативното изразување отсекогаш било дел од мојот живот. А во 2008 година, кога сѐ уште бев студент на катедрата за Историја на уметност и ги спремав последните испити, почнав да го посетувам курсот за филигран. Тоа беа едни од најубавите моменти во мојот живот, шест месеци изминати со луѓе низ кои струеше иста енергија. Беше прекрасно. И сето она што претходно го гледав само како надополнување на моите главни обврски, ненадејното цртање, изработката на накит од мониста или глина, се претвори во постојана ангажираност во текот на денот, но сега среброто и месингот ги имав како медиум за изразување. А првите парчиња накит... Сѐ уште си го чувам првиот изработен приврзок во облик на школка и еден пар обетчиња. Можам да видам дека тоа била страшна борба, изгрицкана жица, истопени осмици. (се смее) Мора прво убаво да се совлада техниката. Треба многу време. Кога ќе се совлада техниката, така и самодовербата расте, бидејќи умот сега не е насочен на тоа дали и како можам да го изработам ова парче накит, тогаш почнува магијата, тогаш се создаваат приказните. Кој е вашиот особен печат по кој се препознатливи вашите парчиња? Не многу одамна, мојата драга другарка, која е историчар на уметност, го запиша следното видување за моите дела: „Елена Ристовска, практикувајќи сопствен модел на креативно изразување, создава дело што сетилно следи, спонтано обзема, атакувајќи со својата разноликост и наративност. Техниката на изработка е традиционална, мајсторски усовршена и вешто и ненаметливо инкорпорирана во свеста на современиот восприемач и неговата отвореност на стари и нови вредности. Ристовска не се плаши да експериментира. Храбро конципира, конструира и компонира, следи правец, но и менува, така што крајната реализација секогаш е иновативна и облагородена со внатрешен порив што постојано се најавува со своето присуство. Ристовска создава форми и облици што не ја губат целосно нивната реалистичка асоцијација, но ги стилизира и прегрупира со што добиваат на оригиналност. Овде се среќаваат зборови од приказни, мистични симболи, еманати на природата, но и урбани елементи, градски перцепции и сите тие остануваат некатегоризирани, се мешаат и делуваат со сопствена трансценденталност.“ Честитки за неодамна добиената награда од Assamblage – школата за современ накит во Букурешт. Што претставува таа за вас како уметник и дизајнер на накит? Благодарам за вербата што ја имате во мене, благодарам на честитките. Исто така, среќна сум на можноста што ја имам во животот да го работам она што навистина го сакам, можност да се изразувам преку накитот, а со тоа што и желбата да патувам, да откривам нови места стана реалност за мене. Неодамна учествував на Autor – Интернационален саем за современ накит во Букурешт со колекцијата „Playing with the Sun“. Секоја година интернационалното жири доделува четири награди на дизајнери кои се имаат претставено со најимпресивни колекции. Оваа година имав чест да ја добијам наградата од школото за современ накит – Assamblage и навистина ја ценам и се радувам на можноста да се надградувам со нивното школо. Какво искуство претставува, пак, учеството на Интернационалната изложба на современ накит во Пекинг? Наидуваат ли вашите парчиња на интерес таму? Секое признание е скапоцено. Впрочем, ова е втора година како учествувам на Интернационалната изложба за современ накит во Пекинг, изложба што е дел од пекиншката недела на дизајн. Која порака сакате да ја испраќаат луѓето што го носат вашиот накит? Сите ние сме поврзани на некој начин... сите ја имаме искусено љубовта, среќата... ги имаме забележано прекрасните креации на природата, гласот на разочарувањето... јас само си ги раскажувам моите приказни. Луѓето се препознаваат себеси во мојот накит, на тој начин ја продолжуваат приказната, внесувајќи дел од својата. 10
Kолекција „Playing with the Sun“ Фотографија: Жарко Чулиќ 11