Мозаик ПОСВЕТЕНИ НА УМЕТНОСТА ТИМОТ ЗАД „ПАРАТИСИМА СКОПЈЕ“ Фотографија: Жарко Чулиќ Пишува: Тања Тодоровска Не завршуваат сите вљубеници во уметноста со диплома во рака од универзитет на кој истата уметност ќе игра главна улога. Но, еј, има некој и зад уметниците, некој што ги организира, координира, промовира, изложува. И честопати тој некој, поточно некои (не очекувавте еден човек да го прави сето тоа, нели?) секогаш се во заднината, но тие имаат приказна за раскажување – па сите интересни нешта минуваат низ нив. Ви го претставуваме тимот зад „Паратисима Скопје“ што веќе четврта година по ред ви овозможува културна надградба преку Саемот за современа уметност на кој годинава од 15 до 17 јуни ќе имате можност за тридневно уживање проследено со изложби, перформанси, модни проекти, музички концерти... 108
Почнуваме. „’Паратисима‘ како културно-уметнички настан и бренд почнала во Торино, Италија, пред 13 години како ’реакција‘ на реномираниот саем на современа уметност ’Артисима‘, основан во 1994 година, на кој за учество потребно е да бидете поканети од организацијата. Реакцијата се состои токму кон елементот на ’покана‘, односно изразената селективност; затоа ’Паратисима‘ се основа на концептот на отвореност и вклученост со цел да им даде еднаква можност на сите автори и уметници“, вели Бојана Стојменовска, основачка на „Паратисима Скопје“. Неприфаќањето на ваквиот елитистички пристап на пласирање на уметноста, надополнето со нејзиниот професионален интерес за содржината и за организацијата на национални и меѓународни настани, изложби и активности поврзани со уметноста во јавен, институционален и/или приватен простор, ја водат Бојана до професионално занимавање со организација на настани. „Во 2012 година почнав да соработувам со италијанскиот тим на ’Паратисима‘ од Торино и по неколку меѓусебни посети, во 2014 година, официјално го основав Интернационалниот саем на современа уметност ’Паратисима Скопје‘, во соработка со колегата и коосновач Марио Еспозито, кој по потекло е од Торино.“ На моменти и самата зачудена од себеси и од ентузијастичката идеја и подвигот, со првична скепса како ќе биде прифатен настанот од локалната сцена и публиката, стигнала до првото издание на „Паратисима Скопје“ или, како што и самата го нарекува, нулта издание. „Скопје докажа дека има простор и интерес за ваков настан, а воедно се потврди и меѓународната заинтересираност за учество и присуство на настанот уште од почетокот. Сето ова, на моја бескрајна благодарност, беше најпрвин овозможено и препознаено од Младинскиот културен центар, кој е првиот и најлојален партнер на ’Паратисима Скопје‘, а во исчекување на четвртото издание, ме радува постепеното препознавање на настанот и од страна на другите поддржувачи.“ Од 2014 година до денес, Интернационалниот саем на современа уметност брои над 300 учества од автори од 32 светски земји, од кои 33 наградени имале можност за изложување на нивните дела и учество на „Паратисима“ во Торино. Денес, „Паратисима Скопје“ е регистриран бренд на национално ниво и е во процес на организација на своето четврто издание на кое секој што ќе аплицира за учество станува дел и учесник во саемската поставка. Со пристигнатата содржина, за која нема ограничување во однос на формат и/или медиум на изразување, раководат куратори чијашто задача и цел е да ја постават изложбата во целина во соработка со архитект, на начин на кој сечиј талент и сечие дело соодветно ќе бидат претставени и ќе дојдат до израз. По поставување на изложбата, задачата на тричленото жири на „Паратисима Скопје“ е да ги разгледа и да ги проучи учесниците со цел да направи селекција на автори кои потоа ќе бидат наградени со нови можности за професионален развој на своето творештво и на својата кариера. Членовите на организацијата, координаторите на настанот, оние што ги влечат конците и од идеја и апликација го оживуваат настанот во тридневен саем со многубројни изложби, концерти и перформанси се постојаниот тим што брои четири члена – Горјана Јордановска, Кристина Лозановска, Блашка Миева и Андреј Прошевски. Горјана е од самиот старт во организацијата, најпрвин вклучувајќи се во контекст на своето факултетско образование на Општа и компаративна книжевност преку работилница за креативно пишување, што и на нејзино неверување поминала со голем одѕив и уште поголем успех. Тоа беше веројатно клучна причина за подоцна нејзиниот ангажман во „Паратисима“ да продолжи и во насока на организација и да ја доживува визијата на Бојана како своја. „Полека, нејзината визија станува и моја визија и визија на Кристина и сите три постојано ја надградуваме и таа станува сѐ поубава благодарение на нашата здруженост, секој си додава по нешто свое и ’Паратисима‘ расте, се надевам дека еден ден ќе порасне до степен да го дефинира Скопје“, вели Горјана. Надежта дека „Паратисима“ ќе стане културно обележје на главниот град, Горјана го гледа преку бесплатна разновидна уметност за сите, преку поетски читања, музејски изложби, кино-проекции, работилници, концерти... уметничко, но и социјално размрдување што ќе доведе до промени, до простор за младите, до простор за некорумпирано изразување и творење... Едноставно, сакам да направам промена и се надевам дека мојата алатка за таа промена, сум ја нашла во ’Паратисима Скопје‘.“ Кристина, како дипломиран архитект, гледа неразделна поврзаност на нејзината професија со уметноста, развивана и изразена низ годините на студии преку различни медиуми, од инсталации, па сѐ до фотографија. „Со ’Паратисима Скопје‘ почнав да работам од почетокот на подготовката на третото издание. Разговаравме со Бојана околу просторната организација на делот од ’Паратисима Скопје‘ – ’Мода и дизајн‘, но набрзо се вклучив во повеќе сегменти од организацијата и реализацијата на фестивалот.“ Од годинешното, но и идните изданија на „Паратисима“ очекува похрабри проекти и поголеми експерименти што ќе резултираат со нови, супер иновативни дела, како и употреба на нови медиуми и уште поголема доза на креативност. Андреј е уште еден архитект, поточно магистер по архитектура, кој, покрај архитектура, практикува и дизајн на мебел и скулптура, а е дел од тимот на „Паратисима Скопје“ од стартот, како учесник на првата, помагајќи на втората и како дел од организацијата на последната „Паратисима“. Со искуство од сите агли, го прашавме кои се неговите очекувања од годинешниот саем во јуни: „Во иднина 109