Мозаик РАСПОЛОЖЕНИ ЗА ДОБРА КНИГА „ЦРВЕНА КРАЛИЦА“ – ВИКТОРИЈА АВЕЈАРД [АРС ЛИБРИС] Ова е свет поделен според бојата на крвта – на оние со црвена и на оние со сребрена крв. Црвените едвај сврзуваат крај со крај, додека со светот владеат Сребрените воини со натчовечки моќи. Мер Бероу е Црвена девојка која на почетокот верува дека тоа е еден свет што не може да се промени никогаш. Но, Мер набрзо потоа открива дека, и покрај црвената крв што ѝ тече низ вените, и таа поседува неверојатна моќ што би можела од темел да го растресе кралството на Сребрените! Но, ова е свет на лаги и измами, на предавства, каде што Мер е принудена да заигра опасен танц – Црвени против Сребрени, принц против принц и самата таа против сопственото срце. Кој ќе биде победник во светот на крвните поделби? Ќе завладее ли Црвената кралица со Сребрениот свет? „КНИГА ЗА БЛАНШ И МАРИ“ – ПЕР УЛОВ ЕНКВИСТ [АНТОЛОГ] Кратко време пред Марија Кири да стане првата жена-добитничка на две Нобелови награди, една од асистентките во лабораторијата, Бланш Витман, преживеала три ампутации, ги изгубила левата рака и двете нозе поради радиоактивните материјали на кои била изложена. Бланш била „кралица на хистеријата“, една од жените што биле бесплатно прегледувани од страна на познатиот доктор Шарко. Тој секоја среда попладне предизвикувал кај нив напади на грчење со притискање на одредени места на телото. Потребата да ги притисне, на пример, нивните јајчници објаснува зошто жените морале да бидат разголувани. Сите ги доживувале овие смотри на хистеријата, кои биле колку насилни толку и вчудовидувачки креативни, мошне сериозно, дури и тогашниот асистент на Шарко, младиот Зигмунд Фројд. Ова е навистина моќна приказна, со која Енквист оди понатаму, преку Бланш, како врховна жртва, го воведува ликот на Марија Кири, која всушност најмногу го интересира. „СКРОТЕНИ“ – ЕМА ЧЕЈС [КУЛТУРА] Оваа книга е дел од серијалот на Ема Чејс – „Заплеткани“, „Испревртени“, „Скротени“ и „Врзани“. Можете да замислите каде води оваа приказна, но најдобриот дел не е како сето ова ќе заврши, туку како ние стигнавме дотаму. Кога се сретнав со Ди, веднаш знаев дека таа е нешто посебно. Кога се запознавме, таа мислеше дека сум ништо. Точно, јас бев како и секој друг што би ја измамил и би ја изневерил. Требаше да помине извесно време за да ја убедам поинаку, но излегува дека може да се направи убедлив аргумент кога е во прашање сексот. Запри ме ако ова си го слушнала претходно – девојка запознава плејбој, тие се вљубуваат, плејбојот го менува начинот на живот. Во оваа незаборавна книга, Метју Фишер, најдобриот пријател на Дру Еванс од „Заплеткани“ до „Испревртени“ – сака да се смират, но прво ќе мора да ја надмине недовербата кон уникатната Ди-Ди Ворен. „ЛАНЗАРОТЕ“ – МИШЕЛ УЕЛБЕК [ТРИ] Краткиот роман „Ланзароте“ на водечкиот современ француски писател Мишел Уелбек е исклучително моќно дело, напишано во познатиот остар и шокантен стил на авторот. „Ланзароте“ е исклучително моќно дело, пародија на жанрот авантуристички роман во кое тој на својот карактеристичен начин ја доловува бесмислата на нашето апокалиптично време. Без оглед на тоа дали ќе го наречеме сатира или своевиден опозит на „новата морална авангарда“, „Ланзароте“ е одличен пример за невообичаените ставови на Уелбек во врска со проблемите што ја опседнуваат епохата во која живееме... Освен краткиот роман, оваа книга е збогатена и со неколку брилијантни раскази, во кои тој се занимава со темите што постојано го окупираат неговото дело, како што се книжевноста, сексот, смислата на животот, смртта и длабочината на отуѓувањето на современиот човек од неговата околина. 120 Не запирајте со читањето тука: испратете ни е-пошта со вашите податоци на contact@portretmag.com и освојте една од книгите погоре.
Портрет поддржува македонска поезија Изгубените љубови Изгубените љубови никогаш нема да дознаат со колку тела сме им пришле, и во колку животи, низ колку слушалки сме им молчеле и со какви здивови, во колку ноќи сме ги предале и со какви ѕверови, на колку слики сме ги обезглавиле и со какви ножици, на колку улици сме ги одминале и со какви прегратки, во колку кафулиња сме ги сретнале и во какви соништа, во колку турканици „не сме ги виделе“ и со какви погледи, колку сме живееле по нив, и со какво умирање... Јосип Коцев од „Напишана тишина“ - ИЛИ-ИЛИ, 2016 г. 121