19.02.2018 Views

Portret Magazine No15

You also want an ePaper? Increase the reach of your titles

YUMPU automatically turns print PDFs into web optimized ePapers that Google loves.

Мисли здрави мисли

Сепак, важно е да се нагласи значајноста на развојниот период во кој поединецот се соочува со некое ново

лично искуство. Со други зборови, во целиот животен циклус постојат одредени периоди што се многу

поосетливи на влијанијата од надворешната средина, отколку некои други. Во развојната психологија тие

се познати како критични периоди и најкратко можат да се определат како моменти во кои постои поголем

ризик одредена појава негативно да влијае врз развојот на поединецот. Блиски на нив се и осетливите

периоди во развојот што, всушност, се пошироки, односно помалку прецизно дефинирани критични

периоди. Така, на пример, во текот на првата година од животот на доенчето периодот помеѓу шестиот

и 12-тиот месец е познат како осетлив период за воспоставување на социоемоционална приврзаност

со родителот(ите)/старателот(ите). Тоа не значи дека ваквата приврзаност се формира само во втората

половина на првата година, туку значи дека една од примарните развојни задачи на овој период е токму

таа и доенчето е тогаш најподготвено да се приврзе за значајните други кои се грижат за него. Оттука,

нeопходно е родителите/старателите да минуваат квалитетно време со своето дете, навремено и соодветно

да ги препознаваат и да му(ѝ) ги задоволуваат потребите, да одржуваат контакт со очи со него(неа), да

му(ѝ) се насмевнуваат и да го(ја) гушкаат, континуирано да му(ѝ) ставаат на знаење дека е сакано(а) такво(а)

какво(а) што е, да комуницираат со него(неа) и вербално и невербално итн. Познато е дека децата на која

било возраст подеднакво силно се врзуваат и за двајцата родители, што е директно поврзано со квалитетот,

а не со квантитетот – односно од аспект на развојот, поважно е „како“ е поминато времето во интеракција

со детето, отколку „колку долго“ родителот/старателот бил со(покрај) детето.

Првиот критичен период во развојот е ембрионалниот период во преднаталниот развој. Тоа е времето помеѓу

втората и осмата недела од бременоста. Ова е критичен период, бидејќи во него се формираат елементите

на основниот систем за поддршка на плодот, сите основни органи и сите системи на телото почнуваат со

работа. Воедно, во седмата недела од бременоста се формираат гонадите, гениталните зачетоци и ембрионот

почнува да се развива како машко, односно како женско. Поради ваквиот процес на органогенеза што, како

што е претходно споменато, е карактеристичен за ембрионалниот период, секое штетно влијание на некој

надворешен фактор (на пример, физичка повреда на стомакот на мајката, одредена болест на мајката,

одредени хемиски супстанции, наркотици итн.) може да го наруши оптималниот преднатален развој и да

предизвика несакани последици. Оттука, од исклучителна важност е навремената информираност на идните

родители (посебно на мајките) за оваа тема, како и нивната соработка со лекарите и следење на медицинските

совети.

Уште еден критичен период, овој пат за развојот на говорот, е поставен помеѓу 18-тиот месец и третата

година од животот. Имено, во овој период децата најинтензивно го развиваат говорот. За успешен

говорен развој, уште од раѓањето детето треба да биде изложено на комуникација со членовите на

семејството, т.е. треба да го слуша јазикот (или јазиците) на кој комуницираат тие, за да се навикне

најпрвин на човековиот говор, но и да биде поттикнувано да зборува, за да почне и самото да го користи

во секојдневната комуникација со возрасните. Познато е, на пример, дека доколку детето е изолирано од

вербална комуникација до својата седма година (или од кои било причини не прозборело до оваа возраст),

тоа подоцна нема да успее да се стекне со говорот. Истражувањата од развојната психолингвистика

покажуваат дека по 18-тиот месец почнува забрзан развој на говорот, кога децата можат да усвојуваат по

десет (па и повеќе) збора на ден. Ова е познато и како експлозија на именување, од причина што првите

научени зборови се најчесто именки или зборови со кои се именува нешто. Некаде кон 21-от месец децата

веќе можат да следат сложена говорна порака, помеѓу 24-от и 27-от месец составуваат реченици од три

до четири збора, а околу третата година повеќето од нив ја разбираат синтаксата и формираат реченици

што им овозможува да разговараат. Се разбира, развојот на говорот не застанува тука. Тој продолжува во

предучилишната и во училишната возраст и е тесно поврзан со процесот на образование.

Периодот на адолесценција во литературата е познат како период во кој адолесцентите минуваат низ т.н.

криза на идентитет. За оваа криза зборува познатиот психолог Ерик Ериксон. Тој адолесценцијата ја опишува

како најбурниот период во животниот циклус. Промените во периодот на адолесценција за основна цел го

имаат синтетизирањето на сето она што се случувало во претходните возрасни периоди и изградување на

стабилно чувство на идентитет. Адолесцентите себеси треба да се доживеат како единствени и автентични

поединци и да донесат одлука за својот понатамошен живот. Според Ериксон, квалитетот што се развива од

успешно разрешената криза во адолесценцијата е верноста, т.е. способноста да се остварува ветеното и да се

биде лојален. Неуспехот во справувањето со кризата резултира во одрекување, односно адолесцентот нема

јасна слика за себе, не прифаќа улоги и станува плашлив. Во справувањето со овој сложен предизвик на

адолесцентите им требаат поддршката и разбирањето од родителите, од врсниците и од возрасните кои за нив

претставуваат авторитети. Токму ова ќе биде тема што поопширно ќе се разгледа во некој од следните броеви.

Доколку имате прашања и теми од развојната психологија за кои сакате да читате во некои од следните

броеви, пишете ни на contact@portretmag.com

93

Hooray! Your file is uploaded and ready to be published.

Saved successfully!

Ooh no, something went wrong!