Портрет на уредникот САКАМ ДА ДИШАМ! За многумина декември е најубавиот месец во годината, месец во кој сме премногу нежни и попустливи кон себе. Изморени од превисоките очекувања од себе што ги имаме во првите месеци, но и видно возбудени од шансата за нов почеток, овој месец ни е како некаков вакуумпериод во кој си дозволуваме многу работи. Затоа можеби очекувано е на нашата насловна страница овој месец да се смее некоја од многуте прекрасни и успешни Македонки, облечена во гламурозни креации од македонската мода. Но, за жал, овој месец решивме дека мораме да ја искористиме нашата насловна страница, за да упатиме јавен повик и јавна молба: Сакам да дишам! Дојдовме во бескомпромисна ситуација кога секое неподигнување на гласот нè прави неми соучесници. Статистиките што ги добивавме годишно, не нѐ допираа доволно, индексите на загадување што ги читавме дневно исто така не будеа доволно голем револт во нас. Препораките од властите и од граѓанските здруженија делумно ги спроведувавме, модифицирани од нашите потреби и во согласност со нашата комфорност. Затоа дојдовме до овде! Ако пред некоја година нашата свест за загадувањето на воздухот беше дека тоа е глобален светски проблем, заедно со немањето чиста вода и глобалното затоплување, сега стана наша сива реалност. Ако зголемување на морталитет од 20% во градовите со високо загадување и зголемување на детските дишни болести за неверојатни 50% не допре до нас, тогаш и дефинитивно сме соучесници! Бесплатен автобуски превоз, прскање со калциум магнезиум ацетат и слични други млаки мерки веќе не се ни приближно решение. Кај нас, Законот за квалитет на амбиенталниот воздух е приспособен на строгите вредности од законодавството на Европска унија, но загадувањето е сѐ поголемо, а ефективни, долгорочни мерки нема. Тоа не е маргинален проблем и не ги засега само власта и Министерството за животна средина, туку е приоритетен колективен и индивидуален проблем. Еколошки дозволи што треба да се воведат итно, било да станува збор за автомобилите, учесници во сообраќајот, или големите загадувачи, што работат со застарена технологија, погубна за животната средина. Треба да се смени тактиката на вртење на вниманието кон овој проблем, само во зимските месеци, зашто е потребна темелна и системска работа преку целата година. Одговорност имаат сите институции засегнати од овој проблем, почнувајќи од Институтот за јавно здравје, па сè до локалните власти во секоја општина. Како најбезболна мерка многу од граѓаните сметаат дека најлесно би било кога би ги примениле мерките од високоразвиените земји, што тие ги имплементирале во своите закони. Потребни се итни средби на сите релевантни институции, здравствени работници, геолози, социолози, економисти, еколози, со цел да се пронајдат трајни решенија за да се намали ризикот на константно загрозување на нашето здравје. За крај сакам да го завршам овој наш апел со дел од Статутот на најголемата организација за животна средина „Гринпис“: – Дишењето никогаш и никаде не треба да биде опасно по живот. Децата не треба да добиваат канцер и болести на дишните патишта, да страдаат од проблеми во развој, од воздухот што го дишат додека си играат. Од основните човекови права, правото на чист и свеж воздух е едно од најважните. Но, очигледно владите и производителите на енергија низ светот не мислат така! Ружица Антиќ 10
ጄ∄☄ ⴀ ἄ ᠄ᜄᔄᰄࠄᔄ