Немам што да облечам! (Кратка хорор приказна) Секој ден во последниве месеци имам мини нервен слом, и секој ден е истата сцена. Јас во гаќи, зјапам во отворен плакар за алишта, со насолзени очи заклучувам дека не сум нормална. Сѐ тоа ќе беше сцена од сладок тинејџерски филм, да не ме чекаа три деца наоблечени во јакни, нервозни, со голема доза на меѓусебна агресија. Или цела редакција полна со луѓе, пред кои не смеам десетти пат по ред да задоцнам. Или настан организиран од клиент, пред кој не смеам да се посрамам, зашто веќе сум го пропуштила последниот нивен настан, зашто сум „немала“ што да облечам. Вака веќе не се живее! Заклучувам дека морам нешто да сменам веднаш и почнувам да барам решение за мојот проблем. Го отворам преполниот плакар, и веднаш се забележува дека 90% од облеката ми е црна, веројатно од митот дека послабо изгледам во црна боја. Со години носам црно, не помагаа ни молбите на моите родители, да престанам, зошто нивните комшии ги прашувале дали сум во жалост и носам црнина. Разгледувам, тренерки за трудници со ластик, маици со натпис „Loading….“ исто труднички, некои кошули број М, од пред сто години, некои преубави, трендовски парчиња исто број М што имаат функција да ме поттикнат да ослабам, работи купени на попуст што не ми се свиѓале ама биле многу евтини. Па јас немам ништо употребливо, стварно не сум нормална заклучувам, затоа сум дојдена до ова дно. Пола од облеката ми е како да изгледам како Кејт Мос, а другата половина како да сум некое митско суштество вечно трудно. Два дена ги селектирав и ги раздадов алиштата што не ми се употребливи колку и да ми беше тоа тешко. Решив дека плански ќе купам нови и ќе бидам секогаш и секаде средена. Тогаш се соочив со една непријатна реалност, јас не знам кој е мој стил на облекување, толку години правам компромиси и импровизации што веќе не памтам што сакам да носам. Морам да почнам од некаде, заклучувам и сфаќам дека фактот што сум уредник на супер кул магазин како „Портрет“ ми прави дополнителен притисок. Па да јас сум бизнис жена, ќе се облекувам деловно. Тоа е тоа, блиску сум до 40-тата, имам состаноци, логично е да се облекувам така. Купив неколку „бизнис“ парчиња, направив комбинации со облеката што ја имам дома и неколку дена самоуверено се шетав во тој „mood“. Одвај одев со штиклите, се чувствував како да си играм возрасна тетка ама не се откажував. И на добар пат бев сѐ додека не сретнав еден познаник од средно и ладно ми кажа, колку сум остарена. Којзнае каква фаца сум направила кога почна да ме теши, јас те знам од времето кога беше одбојкарка, цело време беше во тренерки. И тогаш ми светна. Па зошто јас да немам спортски стил, сега кога живеам во време на Дуи Липи, и сите светски ѕвезди секаде носат тренерки. Утредента бев во нов „mood“, сѐ спортско, тренерки, патики, ранци. Секако секој ден вежбам, природно е вака да се облекувам си се тешев, додека одев на состаноци и клиентите ми се извинуваа дека ми закажале состанок на слободен ден. И тоа го игнорирав, но еден ден се вратив дома и мојот најстар син загрижено ме праша дали сега сум раперка. Оф сега веќе бев целосно изгубена, и навистина не знаев веќе како да се облекувам. Тогаш доживеав вистинско емотивно просветление. Една обична вечер, додека по долен дел пижами, дуксер, чорапи и влечки седевме кај мојата најдобра другарка В. ни се јави нашата трета најдобра другарка што цела година беше во САД, и тоа од диско во Скопје. Мора да дојдете вриштеше, сакав да ве изненадам, мора одма да дојдете. Да се враќам дома немав никакви шанси, В. носи конфекциски број 38, јас 42, и требаше или да одам така облечена или да позајмувам облека од маж ѝ. Внимателно се разгледував, долните пижами ми беа црни, што не беше лошо за почеток, зашто можев да носам и бели со облачиња, дуксот сив, одличен, а целиот стајлинг скроз ми беше Ким К. кога шета низ Л.А како Дромка, со тренерки и гламурозни горни парчиња. Од В. земав само едни огромни обетки и штикли, и се нашминкав. Презадоволна бев! Тоа беше една од најубавите вечери во мојот живот, не памтам од кога толку се немав забавувано и смеено. И утредента додека мамурна го пиев утринското кафе, и гледав дека под елегантните туѓи чизми на штикла, сум носела гипс, бели спортски чорапи сфатив дека стилот секоја од нас го носи во срцето. Го носи во грижата за своите блиски, во убавиот топол збор за непознатите луѓе што секојдневно ги сретнува, во желбата после секој пораз да продолжи со позитивна мисла и чиста душа. Еден мој другар неодамна ми кажа дека секој од нас изгледа како што се чувствува внатре. Се смешкав задоволна од изминатата вечер, и си мислев дека време е за литература за себе-помош, или добар психотерапевт за да изгледам како Кејт Мос. Или само цврста волја и многу вечери како оваа последнава со луѓе што вистински ги сакам. Ружица Антиќ *Текстот не е лекториран со цел да се задржи автентичноста
За поинаков новогодишен шопинг Оваа сезона продавниците на Fashion Group се вистинското место каде ќе ги пронајдете совршените подароци за Вашите најмили. Со картичката за лојалност на Fashion Group собирајте поени при секое купување и користете ги многуте поволности во вашите омилени брендови. Празничното расположение може да започне! Повеќе информации на: www.fashiongroup.com.mk/loyalty 13