Моја борба ДЕНИ СТАНОЕВСКА-ЏИДРОВА: ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИТЕ БЕБИЊА СЕ ВИСТИНСКИ БОРЦИ Пишува: Ружица Антиќ Фотографија: Жарко Чулиќ 40
Моја борба Првата слика што си ја замислувам за родилките и за нивниот престој во болница по породувањето е мајка која ги заборавила сите болки и лежи со своето прекрасно бебе, во блажена поза, во соба полна со балони и цвеќиња. Но, неодамна, на 17 ноември, светскиот ден на предвреме родените бебиња, се соочив со друга реалност и малку поинаква слика за првите денови од животот на многу бебиња. Мојот „news feed“ на „Фејсбук“ беше преплавен со фотографии на горди мајки на предвреме родени бебиња, фотографии од мали борци со најразлични помагала за дишење на себе. Иако знаев дека имаме загрижувачки статистички податоци за порастот на предвреме родените бебиња, не можев ни да замислам колкав број родители се соочуваат со овој проблем. Затоа одлучивме дека овие семејства, овие мали борци, заслужуваат да видат дека не се сами. Да видат позитивен пример, приказна и борба што завршила на најубав начин. Со прекрасно, здраво девојче кое по ништо не заостанува од своите врсници, туку напротив, таа е голема гордост на своите родители. Спонтано, со огромна доза емоции, љубов, надеж и болка, ТВ-водителката Дени Станоевска-Џидрова ни ја раскажа нејзината најголема животна победа. Животот е полн со непредвидливи ситуации, скриени убавини и чудни изненадувања. Бевте ли вие подготвени за вашата најголема животна борба? Јас и мојот сопруг силно сакавме да го прошириме нашето семејство и да добиеме дете, но кога почнавме да го реализираме тоа, сфативме дека нема да биде толку едноставно и лесно, зашто имам ендометриоза и низа други гинеколошки проблеми, поради кои морав да се оперирам двапати. Потоа почнав со процесот на инсеминација, односно ја почнавме процедурата на добивање дете со вештачко оплодување. Со првото инвитро останав бремена, но за жал, во 12 недела го изгубив бебето. Потоа правев уште две класични инвитра и три на спонтан циклус, но дури во шестиот обид останав бремена, со два плода, женски близначиња. Во 12 недела, лекарот при прегледот откри дека едниот плод не е во ред, односно дека едното близначе има аномалии на мозокот. Со амниоцинтеза видовме дека другиот плод е во ред и дека бременоста сè уште имав шанси да ја продолжам, иако лекарот јасно ми кажа дека колку што ќе успее да издржи болното бебенце, толку ќе има шанси да го носам и здравото бебе, зашто можат да се случат компликации кога ќе почине едното. Така и се случи, од почетокот ме водеа како ризична бременост и под огромен стрес, буквално секој ден очекував некој нов симптом. Во шестиот месец почина болното бебенце и по неколку денови морав итно да бидам породена, бидејќи имав абрупција на плацентата. Со смртта на едното близначе, веднаш почна борбата за да го спасиме животот на другото. Почнаа да ми даваат терапија, односно инјекции, за да се потпомогне развитокот на белите дробови и како итен случај заминав за Љубљана, каде што се роди Миа, тешка 1.<strong>25</strong>0 грама и долга само 38 сантиметри. Велат дека со секое бебе се раѓа и мајка, но во случај на предвреме родените деца, тоа се одвива во многу стресни и страшни околности. Каква беше првата средба со вашата ќерка? Чинот на породување во туѓ град и во туѓа држава и во нормални услови би ми бил тежок, но вака беше премногу трауматичен. Јас и сопругот среде ноќ, во болницата ги слушавме лекарите како буквално врескаа: „Итен царски!“ и бевме очајни зашто сега бевме свесни дека ќе биде борба за живот и смрт, како за животот на бебето, така и за мојот. За наша среќа, стануваше збор за големи професионалци и за државна болница во којашто има многу добар оддел за неонатологија, буквално за едно бебе се грижеа по пет-шест сестри, и за многу кратко време ме породија. Другиот ден првпат ја видов Миа и таа слика и тоа чувство ќе го паметам цел живот. Во инкубаторот беше толку мала и нежна, како глувче, целата замотана со различни кабли, црева, со тубус, за да може да дише. Целата глетка беше огромен стрес за нас како родители. Бевме преплавени со измешани емоции, среќни дека добивме дете, но многу тажни за сѐ што се случува и премногу исплашени како 41