Инспирација Пишува: Ружица Антиќ ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ СЕКОЈ ТРЕБА ДА СЕ ГЛЕДА СЕБЕСИ КАКО ГРАЃАНИН НА СВЕТОТ За Жарко Димитриоски слободно можеме да кажеме дека растеше пред очите на јавноста. Ретко кој не ги забележа неговите паметни очиња кога ја играше улогата на Диме Такси во сега веќе култната серија на МРТВ - „Големи и мали“. Од пресладок детски актер, до водител на секогаш најгледаните забавни емисии, гордо го гледавме развојот на неговиот талент и карактер. Но ние имавме желба со него да поразговараме за неговата страст кон светот на маркетингот, во кој веќе е звучно име, и за целиот труд вложен да стигне таму. Во последниве години постои некој бран на негирање на нашите локални институции, на нашиот пазар и на целокупниот образовен систем. Какво е Вашето мислење, сте почувствувале ли товар што почнавте да ја градите кариерата во средина како нашата? Мојата девојка студира медицина и таа размислува да си оди од земјава. Јас имам поинаков став, и секогаш имаме „конфликт“ бидејќи мојот став е дека ова е плодна почва која можеш да ја ораш. Не можам да кажам дека не ја разбирам, можеби и јас да сум на нејзино место би го мислел истото, но мојот став е дека не е точно дека секаде е подобро од овде. И покрај сите 28
Инспирација клишеа што сме ги слушале за начинот на работа и животот во странство, овде имаме една предност. А тоа е дека многу полесно можеш да испливаш на површина, да се издвоиш од толпата, се разбира, единствено ако навистина поседуваш квалитети. Работата е што ние, луѓето што не сме помагани од никого во работата гледаме на тоа како по дифолт, не на пример дали некој некому му е татко или чичко, едноставно не ни е матрицата така фигурирана. Потешко е кога е навистина голем пазар, кога никому не му значи ништо друго во врска со тебе освен твојата стручност и подготвеност. Па така и за нашава средина, едноставно како и за сè друго во животот, си правиш анализа на тоа што е предност, а што недостаток, и работиш да ги редуцираш недостатоците и да ги истакнеш предностите. Исто така, имам среќа што се борам и работам на пазар кај што не важи субвенција или држава, туку поддршка од корпорации од приватни ентитети. Актер, спортски новинар, коментатор, телевизиски водител, стендап-комичар, креативен маркетинг-директор, не знам дали успеав сè да набројам. Очигледно е дека сите овие работи ги работите со голем талент и креативност, но можете ли да издвоите една од нив што сте ја работеле со најсилна страст и посветеност? Искрено, најголема љубов ми е музиката, болен сум по гитара и многу време поминувам со неа. Не само за работата, јас во принцип имам многу такви периоди на преминување од еден интерес на друг, на пример, во моментов интересна ми е теоријата дека античките градби во Египет се 5.000 години постари од тоа што се мисли во официјалната историја и сега сум фиксиран на тоа. Следниве два-три месеци ќе бидам опседнат сè да прочитам и да истражувам околу тоа и ќе го терам до максимум. Но таквите луѓе што можат да се исклучат речиси од сè и да се фокусираат максимално на една работа обично ја плаќаат цената за тоа. Еве, на пример, јас немам социјален живот, а и веќе ме плаши моментот на анализирање на луѓе, пријатели, а и на моменти се чувствувам сам во својот мини-круг. Од човек што имал многу познајници, пријатели и друштва, одеднаш се сменив и размислувам зошто се сменив, кој ме натера да се сменам и дали е тоа воопшто добро. На крајот од денот не ми останува ништо друго освен да си се оправдам себеси за тоа однесување и размислување. Оваа година Ви почна прекрасно со веста дека сте ставени на листата на Forbes, 30 under 30, што значи дека сте оставиле силен печат на европската медиумска сцена. Имавте ли некоја интересна средба на доделувањето на наградите во Лондон, Ви остави ли некој од другите наградени силен впечаток? Немав такво искуство и токму тоа е добро, тоа ме мотивира. Всушност, сфаќаш дека не е важно тоа што си од Скопје, од Македонија, и воопшто не е важно што добар дел од нив не ни знаат нешто за земјата од каде што доаѓаш. Гледаш дека слободно можеш да се тркаш, дека државите не се важни, па ни капиталот, на пример. Не сме хендикепирани во ниеден момент и тоа е супер. Преку агенцијата почнав да се ориентирам и кон интернационалниот пазар, многу природно, спонтано, едноставно како резултат на целиот вложен труд. Кога се работи за голем пазар и брендови за какви што работиме сега, постојано има потреба да се докажуваш. Кога ќе се сетам дека денес работиме кампањи за брендови за кои пред една година некој да ми кажеше дека ќе работиме, немаше шанси да му поверувам, на пр., „Полароид“, „Мекдоналдс“ и сл. Клучот е да не гледаш на себе како граѓанин на Македонија, туку како граѓанин на светот. Да сфатиш дека сите можности ти се еднакви, и да искористиш сè со што располагаш за да дојдеш до правото место, и кога ќе дојдеш, најпонизно на свет да ја доставиш правата понуда. Кај нас кога некој ќе постигне некое ниво на успех, постои некоја потреба за надменост и мислење дека заслужил работите да му доаѓаат сами по себе, но тоа ќе те доведе само во амбис. Може да имам милион причини да мислам дека сè сум заслужил и сум направил, можам да одам на карта - јас сум јавна личност, телевизиско лице, но знам дека тоа на глобално ниво не проаѓа, а мене тоа ми е најважно. Постојано се жалиме дека музиката, уметноста, ни стагнира, дека има недостиг на продукција и квалитетни изведувачи, но од друга страна речиси секој нов проект се дочекува на нож. Какво е Вашето размислување, како некој што долги години работи со јавните и естрадни личности? Во агенцијава ги подучувам луѓето да не очекуваат пофалби бидејќи ние не сме општество што фали, туку општество што куди. Во суштина, да бидат некој што дава најмногу од себе, а да не очекува повратен позитивен фидбек, туку ако го добијат, на тоа да гледаат како бонус. Тоа е навистина лоша работа, но не очекувам да се среди. Искрено, не ми е важно дали ти се допаѓам или не, важно ми е јас да сум задоволен со мојата работа. Се сеќавам на зборовите на Никола Младенов, со кој често излегував и имав можност да се дружам. Луѓето многу често сакаа да зборуваат со него за свои политички ставови и да споделуваат што очекуваат од државата, знаејќи го кој е. На тоа тој ги прашуваше дали знаат кога била основана Првата Француска Република или кога е напишан Уставот на САД. Поентата негова беше дека држава за 50 години не се прави, бидејќи промени не можеш да очекуваш во 50 години, но твое е да турнеш до каде што можеш да турнеш. И јас се водам по таа норма, не ни очекувам да се промениме, да се чуваме сами едни со други и да кажеме дека „Еден на еден“ е најдобра емисија бидејќи така кажуваат бројки. Но ние живееме во вакво општество и не треба да очекуваме ништо, а да даваме максимум, и да оставиме кој што сака да мисли. Велат дека секој успех е сладок само ако го споделуваш во круг на луѓе што те сакаат, поддржуваат и што се секогаш тука за тебе. Вие работите заедно со Вашиот постар брат, тешко ли е да се тргнат настрана семејните релации, во услови каде што се потребни професионалност и реалност? Ние сме меѓусебни корективи бидејќи јас сам или тој сам нема да можеме да го направиме сето ова. Не дека сме јин и јанг, до толку различни, имаме и многу точки во кои се допираме, во однос на комуникација со клиенти, размислување, однос со вработени и слично. Работата е што кога на едниот му прекипува и сака да направи нешто што не треба, другиот е тука да го спречи и да му каже „не“, дека треба да размисли. Едниот е локомотива, другиот вагон, но не секогаш е еднакво тоа, туку наизменично, и навистина сум 29