Работа
Моите бизнис-препораки НИНА АНГЕЛОВСКА, ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР И КО-ОСНОВАЧ НА ГРУПЕР.МК Пишува: Тања Тодоровска Нина Ангеловска e извршен директор и ко-основач на првиот македонски веб-сајт за групни попусти, Групер.мк. Со нејзиното петгодишно искуство во менaџирање на најголемиот сајт за е-трговија и успешната претприемачка приказна, Нина е говорник и предавач на многубројни настани, конференции и тренинзи, а од неодамна и ментор на неколку академии. Доброто образование е клучно за позицијата CEO… Дефинитивно да! Сѐ што учев за време на моите студии на Е-Бизнис (Економски факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“) го применувам секојдневно во работењето. Сепак, учењето е животен процес и така треба да се гледа на тоа, особено во денешниот брз свет на технолошки промени. Да се биде успешен CЕО според мене значи... Да се биде ентузијаст, да се има самодоверба, да се однесува промислено во неизвесни ситуации, да се има способност за брзо носење на добри одлуки, да се биде сеопфатен, да се пренесува знаење, да се размислува аналитички, да се стреми кон перфекција. Кои способности треба да ги поседува еден CEO? Организациски и комуникациски, способност за брзо учење, одлучување и адаптирање. Да биде тимски играч, да практикува leading by example, да биде мотиватор и да има љубов и пасија за работата. За да се напредува на позицијата CEO треба да: Да се биде прогресивен, да се претвораат пречките во можности и предизвици, да се биде од акција и да се гледа секогаш напред. Обуки, курсеви, хоби – да, или едноставно немате време за тоа? За време на студиите учествував на многу обуки, курсеви, тренинзи, практики и натпревари од најразлични области и тоа го препорачувам на сите млади кои студираат и имаат слободно време. Денес, настаните во кои земам учество се повеќе конференции и работилници од областа во која специјализирам, е-трговија, а најчесто сум на „другата страна“ во улога на говорник, панелист или предавач. За хоби си го сметам спортот и да, наоѓам време за сѐ што сакам, иако посакувам неделата да имаше 8 дена. (се смее) Според мене, клучните нешта за мојот личен успех се: Домашно воспитување и гени, образование и знаење, напорна работа, добра организација, адаптибилност и пријателство. Размислување за работата по работното време – да или не и зошто? Размислување за работа – секогаш и секаде. (се смее) Мислите не одбираат време кога сте комплетно посветени и го работите тоа што го сакате… додека гледате филм, додека трчате, додека патувате... Фотографија: Илија Жоговски Најтежок дел од мојата работа е: Административните процедури од сите области и наоѓање на соодветен кадар. За мое најголемо професионално достигнување досега го сметам: Групер.мк и револуцијата во е-трговијата во Македонија за која е заслужен.