Create successful ePaper yourself
Turn your PDF publications into a flip-book with our unique Google optimized e-Paper software.
Изборот е слобода

ГРАД: ОД АМСТEРДАМСКИТЕ ЗАБАВИ ДО ТРАДИЦИЈАТА НА

ПЕКИНГШКИТЕ КВАРТОВИ

Многу патувам и имам повеќе омилени места и градови. Ги сакам каналите и духот

на Амстердам, амстердамските забави на брод, но и ротердамските модерни

зданија или, пак, градот Хаг кога живее во манирот на Holland Dance Festival. Го

сакам Пекинг, извонреден град со прекрасни луѓе и многу, многу креативност во

уметничкото живеење... традицијата на Забранетиот град, грандиозноста на Големиот

ѕид и новите модерни квартови, што во чудесен контрапункт го надополнуваат

воздухот со извонредна атмосфера. Го сакам Њујорк во есен, кога е најголемиот

фестивал за танц и студиото на Марта Греам, компанијата на Менхетн, покрај реката

Хадсон. Го сакам Париз и неговиот шарм, култура и лежерност. Сепак, еден град

е секогаш во моите најдлабоки мисли: Скопје, улиците на моето детство, дрвјата

во октомври... Сè уште ги паметам одењата пред „Ванила“ или кај „моторџиите“

отспротива, прекрасното бифе „Парис“, кога беше облепено со новини и нашите

утра таму и журките во Старата чаршија. Мојата најголема љубов е Водно и сите мои

денови на неговите падини што ги поминав како дете, куќата на татко ми и мајка ми на

нашата улица „Пандо Кљашев“. Ах...

ФЕСТИВАЛ: ТАНЦ ФЕСТ ГО НОСИ ДУХОТ НА НОВОТО

Дванаесет години го брануваме и го поместуваме духот на градот со богатство

претстави и настани, разни креации на уметници од сите меридијани. Танц Фест

го донесе духот на новото и го зачини вкусот на нашата публика. Секоја пролет со

извонреден елан се радувам на априлските денови на играта, веселоста, убавината

и славењето на танцот, преку кој всушност го славиме животот. Танцот, нашиот Танц

Фест е нашата реплика на секојдневието. Let’s dance! Be different!!!

ОБЈЕКТ: СЦЕНА ЗЕБРА Е НАШИОТ ТАНЦОВ ХРАМ

Тоа е нашиот храм. Храм на танцот и уметноста со која секојдневно живееме.

Отворена пред 5 години, таа стана место во кое се развива духот на креативноста,

место каде што се слеваат идеите, мислите, имагинацијата на младите танчари

кои ги создаваме преку Скопје танцовата академија и Скопје танцовиот театар. Ја

обожавам.

УМЕТНОСТ: УМЕТНОСТА НИ ЈА ДАВА СЛОБОДАТА

Сакам кога потонувам во водите на уметноста се пронаоѓам себеси. Сликарството,

сликите на татко ми, што го исполнуваат нашиот дом, се дел од нашето

фамилијарно, духовно наследство, што секојдневно го споделувам со моите

најблиски. Уживам во музиката, во танцот, што е мојот живот, во поезијата, со која

се занимавав како помлада, ја обожавам литературата, книгите на Перл Бак со кои

растев, Толстој, Ремарк, Зилахи, Хемингвеј, Петре М. Андреевски... Ме фасцинираат

потезите на Полак и скулптурите на Хенри Мур, се восхитувам на уметноста и

уметностите, со секој мој здив; сакам да дискутирам за нив, да спорам, да развивам

идеи. Уметноста ни ја дава слободата. Секојдневно живеам со неа, преку танцот,

но и преку уметноста на преживувањето во секојдневието, во свет во кој со секој

изминат чекор се менувам и се обидувам да сум повторно своја.

127