Колумна АНА ЈОВКОВСКА новинарка, авторка и активистка АПРИЛСКА СИМФОНИЈА НА ВИСТИНАТА, ЛАГАТА И ПРОЛЕТТА Април е месец што почнува со почит кон шегата (први април), а завршува со почит кон џезот (30 април). Помеѓу има многу датуми и приказни што сакам да ви ги раскажам... Први април! Кога лагата е хумор, таа е бенигна и забавна, но кога лагата е сериозна и манипулативна, таа е бунар што го голта достоинството и моралот. Сепак, и лагите имаат свој празник– први април, еден ден во годината кога можеш да мамиш без да ти порасне носот. :) Во другите денови си бараш оправдување за премолченото и излажаното. Се сеќавам на една ситуација во гимназија, кога сакајќи да ја завршам врската со моето тогашно момче, најголем шок ми беше „советот“ на Максим Горки дека „Пристојноста бара од луѓето да лажат“. За среќа, веќе во следното дело овој руски класик ја „исправи грешката“ со тврдењето дека „Вистината е бог на слободниот човек“, а јас научив оти премолчувањето на вистината е исто толку опасно како и самата лага. Во конфузија меѓу белите, демек добронамерни лаги и оние што те претвораат во безобѕирен Пинокио ја научив и лекцијата дека до вистината можеме да допреме само кога ни е дадена слободата да згрешиме. А луѓето меѓусебно се мамат, лицемерно си ласкаат, и тоа им изгледа полесно отколку да си ја кажат вистината в лице. Некои луѓе носат маски секој ден, а не само на први април. Понекогаш маската е заштитен механизам од грубиот свет, но најчесто е слој на духовен пластелин врз сопствената кожа што те прави восочна фигура без гримаса на искрена насмевка и болка. Нешто слично како во музеј на восочни фигури. А некои судбини и болки постојат за да нè направат посилни луѓе. Сведоци на ова се сите родители кои секојдневно се адаптираат на аутистичниот свет на своите деца. Втори април е Меѓународен ден за борба против аутизмот. И додека сè повеќе расте бројот на деца со аутизам, причините за ова нарушување сè уште не се целосно познати. Знаејќи дека аутизмот не е емоционална болест, туку развојно нарушување, особено е значајна инклузијата на овие дечиња во општеството. Неодамна вдомив куче кај една прекрасна фамилија чијашто шест годишна ќеркичка има дисхармоничен развој. Овие луѓе имаат срце, хуманост и сила што треба да ни е пример на сите! Во нашиов свет на суров рацио и алчна компетитивна логика, тешко ни е да ги разбереме децата со дисхармоничен развој, оти тоа се деца кои живеат во свој поинаков свет на чисти емоции. За нив маските се само играчки за први април, а не секојдневно руво. И од оваа тема поврзана со здравјето, стигнувам до седми април – Светски ден на здравјето. Секогаш сум се чудела на змијата како симбол на медицината. Завиткана околу стап, змијата се смета за симбол што потекнува од библиската приказна за егзодусот од Египет. Другата приказна е дека стапот му припаѓал на Ескулап, римскиот бог на медицината, чијашто ќерка се викала Хигија, божица за здравјето, од каде што потекнува и зборот хигиена. Всушност, симболите постојат за да нè вратат по лавиринтите на познатото и непознатото, митското и архетипското, религиското и историското, и да нè потсетат дека овој свет е меѓусебно поврзан со секоја клетка што се испреплетува меѓу минатото, сегашноста и иднината. Нејсе, тоа беше уште еден значаен ден во календарот на април или месецот што се нарекува тревен. Името му доаѓа сосема логично, оти април е за месец на тревата. И додека ја пишувам оваа колумна го чувствувам будењето на пролетта. Априлски пупки на животот. Ветер во косата што ми дава надеж и полет. Мирис на расцветени дрвја и бои што ги дразнат пчелите. А пчелите се витален дел од синџирот на исхраната на човекот и дури третина од храната што ја јадеме не би била достапна доколку ги нема пчелите. За жал, индустријализмот, технологијата и загадувањето се директна закана за исчезнување на овие вредници. Па, се прашувам залудни ли се датумите во календарот на април како оној на дваесет и втори што го одбележува Денот на планетата земја? Ќе се прошетаат политичките светски елити до некое генерално собрание, ќе се потпишат декларации што навистина се значајни, но од утре пак по старо на возот на потрошувачкото општество што ја голта природата за свои мегаломански, алчни апетити. Воздухот од проѕирен го зацрнивме! Водите од бистри ги замативме! Планините со патишта ги исековме! Џунглите во хартија и во луксузен мебел ги претворивме! Животните во месна индустрија ги спакувавме! Птиците во кафез во зоолошка ги затворивме! Природата ѝ се скара на културата, а оваа сè уште се обидува да го крене гласот против социоеколошката неправда. Никој не се предава, но никој и не победува! Губитници сме сите ние! А културата си има работа за бркање и свои фронтови за борба. Една од нив е закачена за календарот на април исто така. Дваесет и трети април, денот кога два книжевни гении, Вилијам Шекспир и Мигел Сервантес, го напуштија светот, се слави како Светски ден на книгата и авторските права, потоа и официјално прогласен од страна на УНЕСКО во 1995 година. На 23 април, што исто така е и Ден на розите, во 1923 година во Шпанија, продавачите на книги се договориле да му искажат почит на авторот на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, разменувајќи книги наместо рози. И јас одбирам книга, наместо роза. Иако сум мошне пребирлива во изборот на книги што ги читам, сепак ќе се согласам со една реченица на Сервантес, а тоа е дека „Не постои толку лоша книга што не содржи барем нешто добро во неа“. Другиот најдобар изум на човештвото, покрај јазикот, писменоста и книжевноста, е музиката. Праисториска, античка, ренесансна, барокна, класична, романтична, современа... и џез! :) И по толку испеани емоции и болки на робовите во САД, џезот сè уште е во потрага по слободата. И ние овде свириме џез! И така стигнуваме и до последниот или 30-тиот ден од април - Светскиот ден на џезот. Животот е убав со добра музика, добра книга, добар филм и добри луѓе околу тебе. И повеќе прошетки во природа! Животот е убав во април, особено кога е на „мјут“ платената политичка програма! Нивните политички ветувања се априли-ли-ли. :)
KISS CAM ОВОЈ МЕСЕЦ ЈА СЛАВИМЕ ЉУБОВТА СО ДИМИТАР АТАНАСОВСКИ И САРА МЕЈС. Фотографија: Жарко Чулиќ