Инспирација Емилија Пендева ТЕТОВАЖИТЕ И ФИЗИЧКИОТ ИЗГЛЕД НЕ ТЕ ДЕФИНИРААТ КАКО КАРАКТЕР Пишува: Тања Тодоровска Фотограф: Жарко Чулиќ Шминка: Фросина FRAN Ангеловска Стилист: Бојана Максимовска Асистент стилист: Ана Коцевска Гардероба: Јована Филиповиќ Накит: MANGO 24
Инспирација Емилија, вие сте уметница и професионален татуартист, првата жена мајстор за тетовирање во нашата држава и прва која почна похрабро да се тетовира. И покрај веќе седумгодишното искуство во оваа област, речиси неизбежно е луѓето на вашето име да го додадат и она „Лејди“. Првото јавно појавување остана врежано за вашето име и презиме. Дали истото ви пречи, сакате ли да избегате од него или? Да бидам искрена, тој дел од мојот живот – манекенската кариера ми беше некако наметнат, сестра ми ме пријави на Look Model Search 2004, каде што освоив трето место – не беше нешто што сакав да го правам, ниту, пак, идеална професија за карактер каков што сум јас. Во тој период се случи еден од ретките, можеби и единствен ангажман во Македонија – спотот за „Лејди“, ама остана доживотен печат. Кога почнав да тетовирам тоа ми беше многу голем проблем, бидејќи на сите им беше чудно како тоа манекенката наеднаш завлезе во еден машки свет. Во таа една година колку што траеја ангажманите бев во Бејрут, Истанбул и Виена – видов, пробав и имав поволна клима за тој пат во кариерата, ама се повлеков самоволно зошто не се пронајдов себеси. Сега имам нов проблем – сега постојано ги поврзуваат тетоважите со моето име, па затоа во последно време ја ставив работата во втор план, односно поретко објавувам нешта поврзани со мојата работа на „Фејсбук“ за да не им бодам очи на луѓето. Пред сѐ, јас не сум човек што сака да биде ограничен и само едно нешто да го дефинира. Не сакам да бидам идентификувана со тоа што во моментот сум го правела, со таа професија. Не сакам кога луѓето ќе почнат да те доживуваат само како појава, без друга способност и особеност. Во мене вријат еден куп нешта што сакам да ги правам, па во еден период почнав дури и на изгледот да си штетам за да можат другите карактеристики да ми излезат на површина. Кога сфативте дека ова што го работите денес е вашата професија од соништата? Од првиот момент кога допрев машинка, од првото поткожно нанесување боја – тоа беше тоа. И едноставно, знаев како да го правам. Немав период на тренинг, обуки и вежбање, туку едноставно фатив машинка и почнав да цртам. Потекнувам од уметничко семејство, па цртањето некако природно ми оди, а за многу кратко време сосема ја совладав техниката на тетовирање, односно тоа што знам да го цртам, да го нанесувам на кожа. Беше љубов на прв поглед – без размислување дали треба да го правам тоа или не, иако, освен мајка ми, која ми даваше поддршка, сите луѓе ми велеа – „немој ти си женско, тоа е машка работа, ќе тетовираш само разбојници, криминалци“... немам ниту еден таков клиент! Сакав да бидам пример дека можеш да работиш сѐ во животот и дека тетоважите и физичкиот изглед не те дефинираат како карактер. И затоа ги прифатив сите тие интервјуа на почетокот на кариерата, ми беше важно на луѓето им стане поблиска целата филозофија на тетоважите, поточно да се скршат стереотипите во однос на нив. Колку години функционира „Еминимал“ и дали успевате да одговорите на сите побарувања? Моментално сме тројца во студиото – работиме шест години со тоа што јас почнав сама, па малку по малку почнаа да ми се придружуваат колегите. Во последно време има голема побарувачка за тетоважи, а интересно е што луѓето порано се ограничуваа на помали тетоважи, а сега имаат многу поголеми побарувања, што подразбираат тетовирање на цела рака, цел грб – односно проекти што траат. И нормално е дека не можеме на сите да одговориме поради тоа што Македонија сериозно се тетовира. Имам сфатено дека Македонците сакаат да бидат во тек, бидејќи ние како земја страдаме од комплекс дека доцниме со прифаќање на трендовите. Тетоважите пред пет-шест години беа табу во Македонија и сега кога веќе стануваат мејнстрим, на луѓето тоа им е толку допадливо што одењето на тетовирање го сфаќаат како ритуал, како своевиден лајфстајл. Имам карактеристична група клиенти – татузависници на кои не им е толку важно што тетовираат, едноставно ми даваат слобода да работам, да се изразам како уметник на нивната кожа. Токму со тие клиенти ги правам најпрекрасните тетоважи. Велат дека ретко кој останува само на една тетоважа кога веќе го направил најтешкиот, прв чекор. Сведок ли сте на ваквата практика кај нас? Точно е, на прсти се бројат луѓето што ги знам, а имаат само една тетоважа. Обично, на сите што им правам прва тетоважа веќе имаат подготвено втора, трета... некако најтешко човек се одлучува за првата, а кога се крши тој мраз, кога ќе видат дека не е толку страшно и дека тетоважата станува дел од тебе, следните тетоважи доаѓаат многу побрзо. Дека Македонците сакаат да се тетовираат доказ се многуте студија и тату-мајстори. Што е она што е најбарано? Има ли хит-тетоважи што постојано се повторуваат? Да, тоа е нормално, како да кажам, секое време, секоја година си носи нешто, некој нов бран на тетоважи што масовно им се допаѓа на луѓето. Во Македонија имам забележано дека луѓето најмногу сакаат религиозни теми, а мошне актуелни се и јапонските тетоважи. Лично, секогаш се обидувам да влијаам во изборот на клиентот ако сметам дека нешто не е во ред. Никогаш досега не сум сработила тетоважа што не ми се допаѓала или што сум сметала дека би го нагрдила човекот и би му претставувала естетски проблем. Најчесто, младите луѓе се оние што прават грешка во изборот на тетоважи, но обично успеваме да се договориме, па честопати по некое време добивам пораки со благодарност за премислувањето и сугестијата. Велат дека тетоважите остануваат до крајот на животот со нивните сопственици, подолго од сѐ друго што ќе им наиде на животниот пат. Но, кога тетоважите сведочат за луѓето во 25