Безброј работи како дел од плетено парче Наташа Костадиновска Пишува: Марта Таневска ШАЛОВИ, КАПИ, БЕБЕШКА ОБЛЕКА, ИГРАЧКИ, УКРАСИ, РАЗНИ ВИДОВИ НАКИТ, СЕТО ТОА РАЧНО ИЗРАБОТЕНО ОД ШАРЕНА ВОЛНИЦА, СЕ ДЕЛ ОД АСОРТИМАНОТ НА „ПЛЕТЕНИ КОЛАЧИЊА“. ЗА ТАЛЕНТИРАНАТА НАТАША КОСТАДИНОВСКА, КОЈА Е ЗАСЛУЖНА ЗА ИЗРАБОТКИТЕ, НАЈИНТЕРЕСНО Е КОМБИНИРАЊЕТО НА РАЗНИ БОИ И ПРОЕКТИТЕ ОД ВОЛНИЦА ШТО ГИ ПРАВИ ПРВПАТ. Вашите шарени изработки од волница предизвикуваат голем интерес и се навистина уникатни. Како почна вашата приказна со „Плетени колачиња“? Како дојдовте до идејата за името? Најчесто се обидувам сè што ќе изработам да биде во шарени нијанси и комбинации, така излегуваат интересни работи што се практични и убави за око. Го сакам моментот кога ќе треба да направам некоја одредена комбинација од бои, бидејќи тогаш ги вадам волниците во сите бои и почнува креативниот процес на комбинирање и создавање на финалниот производ. Првпат околу 2009 година имав ситни продажби преку мојот профил, а „Плетени колачиња“ настана пред околу 5 години, кон крајот на 2010 година. Не размислував многу пред да ја отворам страницата на „Фејсбук“ и на некој начин да си оформам бренд. Сè беше спонтано, a за името заслуга има плетењето и мојата љубов кон печењето колачиња. Плетењето е занает што бара посветеност, труд и посебно внимание. Како научивте да плетете? Секако, без труд и посветеност немаше да стигнам дотука. Секојдневно се надградувам, бидејќи цело време има нови плетки, нови модели, што сакам да ги испробам и да ги научам. Првпат се заинтересирав за плетење на 17 години по иницијатива на мајка ми, која, пак, научила да плете исто од нејзината мајка, мојата баба, а првото парче што го исплетов е капче што уште си го носам. Не се сеќавам дали од мала сум пројавувала интерес за плетење, но ми текнува дека цело време се обидував да дојдам до ножиците и до копчињата. Од каде добивате инспирација за изработките и кои други материјали ги користите? Инспирација добивам најчесто од интернет, некогаш сама си смислувам шеми и плетки, а исто така разгледувам и многу инспиративни списанија за плетење што ми се омилени во последно време. Материјали има многу, плетам со волна, акрилна волница, памучен конец, сум плетела и со коноп. Има безброј работи што ги гледаме околу нас што можат да станат дел од некое плетено парче. Кои производи ви се најбарани? Што најмногу им се допаѓа на купувачите и како најчесто ви нарачуваат изработки? Секоја година има побарувачка на различни работи. Минатата година најпорачувани ми беа бебешките фустанчиња, а оваа година играчките од памучен конец. Се нарачува преку порака на страницата на „Фејсбук“, каде што се договараме со купувачот за деталите. Колку се смени од почетокот, па досега вашата работа, колку напреднавте во изработките? Многу се имам променето, нормално на позитивно. Плетките станаа посложени за да имаат поубав изглед, затегнатоста на конецот ми е константна и ретко правам грешки во текот на работата. Продолжувам секојдневно да напредувам и уживам во тоа, убаво е кога човек учи нешто ново речиси секој ден. Дали купувачите ви испраќаат фотографии или идеи за изработка и која нарачка досега ви била поразлична од другите? Да, некогаш ми испраќаат и фотографии ако сакаат нешто што немам изработено досега и со најголема радост и нетрпение ги почнувам оние проекти што се уникатни и што ги работам првпат. Има нешто убаво во очекувањето да го завршам тоа парче и да видам како ќе изгледа на крајот. Најинтересна нарачка ми била за долна облека, но морав да одбијам затоа што претходно сум немала искуство со такво плетење, што бара посебен конец и начин на изработка. Досега сте учествувале на неколку базари. Колку учеството ви помага полесно да дојдете до нови купувачи и до нови идеи? На базарите секогаш сум поминувала убаво, се запознаваат одлични луѓе со кои можете да ја споделите креативноста и интересните идеи. Таму се добива можност да се допре до купувачите на друг начин, можат да ги видат плетените работи и да почнат дискусија за одредени производи очи в очи, за разлика од разговорот преку пораки на „Фејсбук“, каде што не можат да го видат и да го опипаат тоа што го купуваат. Кој е вашиот план за „Плетени колачиња“ во иднина? Планирам да отворам продавница или ателје, место за креативци, место каде што моето знаење ќе можам да го споделам и, нормално, ќе биде преполно со волници.
Работа Фотографија: Жарко Чулиќ 15