Create successful ePaper yourself
Turn your PDF publications into a flip-book with our unique Google optimized e-Paper software.
Јин-Јанг

АНА БУНТЕСКА - ПОЕТЕСА

ТАГАТА Е НАЧИН ЗА

ВРАЌАЊЕ КОН СЕБЕ

Општеството е гнило кога луѓето

немаат избор да го живеат она што го

заслужуваат и сакаат

АЈ: На поезијата не ѝ можеме ништо! Што ја прави вашата

поезија популарна во време на лајкови и брзи инстантвредности?

АБ: Искреноста што вреска од секој збор зад кој стојам!

АЈ: Има ли живот надвор од полисот?

АБ: За човек кој знае како да живее, има живот секаде. Дишењето

со полни гради и спокојот се основа за сè.

АЈ: Што најмногу ве вознемирува кај себе?

АБ: Чувствата. Избегнувам да читам што сум напишала, оти ми се

има случено да останам вџашена од себе... од каде тие чувства?

Од каде таа тага? Од каде знам нешта за кои сум сигурна дека

барем во овој живот не сум ги минала? Таму немам контрола и

затоа имам страв... или, како што напати знам да напишам, „без

усул“ сум.

АЈ: Свесноста за тагата ја прави тагата убава. Зошто?

АБ: Исто како и среќата, така и тагата му е потребна на човек. Таа

е начин за враќање кон себе, нурнување во сопствениот живот.

Тагата прави чуда во уметноста и ги покренува механизмите во

човек да се случуваат промени.

АЈ: На кои полиња во општеството сте активни?

АБ: Секаде каде што сум повикана или онаму каде што мојата

совест и свест инсистираат да бидам. Секаде сум присутна

доколку е тоа во согласност со моите етички и морални начела.

АЈ: Во Скопје ме нервира...

АБ: Отсуството на мирисот на градот што го љубев како дел од

мене. Сега ми мириса на застоено, на лошотилак, ми мириса

на несреќни луѓе и неубав вриеж. Некогаш се чувствувам како

да снемувам воздух, притисната од бетон и некое константно

сивило, за кое уште се надевам дека ќе го снема ако провее ветар,

доволно силен за да му даде живот на Скопје. Баш пред извесно

време имав напишано песна за градов што како веќе да не е мој.

АЈ: Добрите луѓе ги препознавам по...

АБ: По пенџерињата на лицето. :) Чудесна работа се очите, ако

знаеш да видиш, сами ќе ти кажат сè за човекот. Добрите или,

како што милувам да ги наречам – убавите луѓе, имаат посебен

поглед и сјај, чистота во погледот.

АЈ: Општеството е гнило кога...

АБ: Општеството е гнило кога народот е несреќен! Кога повеќе се

занимаваме со политика и немаштија, отколку со нешта што ни ги

полнат душите со убости. Кога имаме одлив на умни и млади деца.

Општеството е гнило кога луѓето немаат избор да го живеат она

што го заслужуваат и сакаат.

АЈ: „Кога пишувачот ќе си го растрепери сопственото срце,

ќе може да ги растрепери и срцата на другите. Без лага, без

китење“. Кои болки во животот не ги скривте од очите на

јавноста?

АБ: Сакам да се подбивам со смртта оти ѝ се плашам. Страв ми

е оти ќе ми се поболи телото од преголема емотивност, дека

најголема радост и болка е ќерка ми (оти за дете најмногу боли),

дека успеав да преживеам љубов што се случува еднаш во

животот. Јас болките не ги кријам, немам потреба од тоа. Таква

сум, таа сум... една од многуте со свои паранои и неостварена

љубов, тага и моменти на нескриена среќа. Не глумам, немам

време за тоа, ниту, пак, волја.

АЈ: На политичкиот кантар најмногу тежат лагите за...

АБ: Старите велат... испружи ги нозете онолку колку што ти е

долга чергата. Не ветувај она што не можеш да го исполниш,

особено не на сиромашен и напатен народ. Нечиј глас можеби се

купува со лаги, ама цената е душата и здравјето на човекот.

АЈ: Споменик би му изградилa на...

АБ: Нема веќе место за споменици во градов. Не сум по

спомениците, повеќе би изградила детски парк, со многу

зеленило и смеа внатре.

АЈ: Најсоголена се чувствувам кога...

АБ: Кога пишувам или кога одговарам на вака умесно поставени

прашања. :)

АЈ: За секое грнче, има капаче. :) Кое е вашето капаче?

АБ: Уште си го бара грнчето. :)

АЈ: Омилена филмска реплика ми е...

АБ: “You cannot find peace by avoiding life, Leonard”- Вирџинија

Вулф, „Часови“

АЈ: Август е месец на/за...

АБ: Смеа, радост, тага, немир, борба, страст, љубов – ЖИВОТ. Да

ставиме лајк на својот живот, каков и да е... оти друг немаме!

Фотографија: Жарко Чулиќ

125