Мозаик РАСПОЛОЖЕНИ ЗА ДОБРА КНИГА „КНИГА ЗА ТЕЛОТО“ – КАМЕРОН ДИЈАЗ СО САНДРА БАРК [АРС ЛИБРИС] Како млада девојка, Камерон не размислувала секогаш за тоа дека одлуките што ги носи за својата исхрана и својот начин на живот ќе влијаат на нејзиното здравје во годините што доаѓаат. Но, во изминатите 15 години, таа открива дека она што го јаде секогаш е поврзано со тоа како се чувствува и како изгледа. Тоа сознание – дека исхраната влијае на животот – ја натера да истражува и да дознае кој е најдобриот начин на исхрана, физичка активност и грижа за нејзиното тело. Во ова нејзино авторско дело, таа ги презентира пристапот и филозофијата за долг, здрав и среќен живот, поддржани од многубројни научни истражувања на светски експерти, а пренесени на нејзин личен јазик, стил и страст. „Книга за телото“ претставува моќен, едукативен и инспиративен прирачник за секоја жена. „ЗАЈДИСОНЦЕ“ – КАТЕРИНА ЏАТЕВА [АНТОЛОГ] Една млада девојка сака да заигра во ритамот на музиката, но се впушта и во ритамот на страста. Амбициозната Кармен се запишува на часови по танцување кај шармантниот и неодолив Соф. Отсуството на својот свршеник Ник го користи за да го разбуди својот талент за танцување без притоа да биде свесна дека судбината ѝ наметнува будење на љубовта што била затрупана од општеството. Кармен и Соф се впуштаат во љубовна врска што има облик на секаков вид романса освен на краткотрајна афера. Сплет на мисли, сплет на чувства што ечат од главата на неверната жена. Интересен спој на еден маж што не сака да сака и една жена што се плаши да сака и да биде сакана. „АБАДОН, УНИШТУВАЧОТ“ – ЕРНЕСТО САБАТО [ТРИ] Абадон, уништувачот ја затвора трилогијата почната со „Тунел“, а следен од „Херои и гробови“. Развивајќи ја во својот најширок регистар метафората на Извештајот за слепите, овој необичен и длабок роман го вметнува Ернесто Сабато во амбиентот на текстот и го вклучува како лик во една комплексна техничка конструкција, чијашто игра на перспективи нѐ враќа воедно во реалноста на едно време на апокалипса и на душевните јами во кои нурка визионерската моќ на создателскиот чин. На тој начин, на врвот на својата грандиозност, ова сеопфатно, опширно дело кулминира и ги има во себе сета сабатовска уметност и длабочината на неговото егзистенцијално истражување. „КОПНЕЖ ПО ДОМ“ – ЏЕНИ ЕРПЕНБЕК [МАГОР] Во центарот на овој специфично сензуален, елегантен роман, се наоѓа еден имот изграден во шумата близу Бранденбуршкото Езеро, недалеку од Берлин. Опфаќајќи повеќе од сто години од германската историја, од XIX век до Вајмарската Република, од Втората светска војна до создавањето на ДДР, па до конечното обединување на Германија, „Копнеж по дом“ нѐ запознава со различните животни судбини на дванаесет луѓе. На еден ист простор ги следиме драматичните приказни на луѓето што ги проживуваат своите страсти и судбини. Ерпенбек со специфично чувство за раскажување и доловување на карактерите, пишува исклучителен поетичен роман, што ги открива и обичностите на секојдневното постоење и големите егзистенцијални прашања што се независни од времето во кое ќе се појават. Така „Копнеж по дом“ истовремено е и многу личен и универзален роман за непрекинатата потрага на човекот по смисла. 104 Не запирајте со читањето тука: испратете ни е-пошта со вашите податоци на contact@portretmag.com и освојте една од книгите погоре.
PET CAM ВЕСЕЛАТА ИГРА НА ТОНИ ЗЕН И АЛФ. Фотографија: Жарко Чулиќ 105