Фотографија: Жарко Чулиќ
НИЗ МОИТЕ 42 ГОДИНИ НАУЧИВ… ТАЊА КОКЕВ Десет години да се гради бренд во нашава држава значи... Пред сѐ љубов, континуирана желба за промени. Од друга страна, максимална свесност за условите во кои твориш, постојан баланс помеѓу уметноста и комерцијалата. Дека македонската модна сцена е... Симпатична девојка со предиспозиции за раскошна убавица. Но, само ако го најде кликот, ако работи на себе без импровизации. Ако новинарите разграничат што е модна куќа, моден дизајнер од квази-бутици. Ако тоа го поддржат и јавно така го пласираат ќе видиме колку може да ни биде поубава модната сцена од моменталнава каша-попара. Да си синоним за префинет вкус значи... Дека си ја разбрал реченицата дека убавината почнува оној момент кога си се засакал себеси, кога ќе сфатиш дека не тераш мода, туку дека ти си мода. Кога црната ролка ти прилега како на Одри Хепберн, Грејс Кели или Лорен Хатон. Да го прошириш својот бизнис и во други држави носи... Поголема одговорност на прво место, голема желба и предизвик потиснати од страв, нова енергија, што во овој период и ми е неопходно. Секој добар менаџер треба... Пред сѐ, да го почитуваш своето работно место, да бидеш присутен на работа, да го почитуваш својот тим. На прво место да ти се вработените, ако ти си добар со нив, тие ќе бидат одлични со клиентите. Да избегнувам... Лоши, мрзливи, пасивни и завидливи луѓе. Енергетски вампири. Најубаво се чувствувам облечена во... Црна ролка. Парфемот е клуч на заклучени спомени и затоа... Време е за нов парфем „Кокев“ и нови спомени. Научив да се сакам себеси, компромисите да ги сведам на минимум и да бидам храбра да го применам ова. Научив дека долгогодишната позиција на жртва на жената на овие наши простори е голема грешка од почеток до крај. Најдобро го мотивирам својот тим со... Хм... претпоставувам со мојата ненаметливост, едноставно решив да им верувам и да не им дишам над глава, што создава слободна, креативна атмосфера, без притисок. И како екстра мотивација, дружењата надвор од работното време. Често одиме во природа, вршникот со нас и подготвуваме едно албанско, едно македонско јадење. Да создаваш женски чевли е... Нешто слично како првичната еуфорија во првата фаза на вљубеност. Најчесто наоѓам инспирација во... Веќе седум години не читам книги, ретко гледам филмови. Ми здодеа да читам туѓи искуства или фантазии. Некако поубави ми се моите дијалози и средби. Веројатно таму е мојата инспирација, секако, веднаш по љубовта. По караница никогаш да не... Држам лутина. Тоа е едно од поголемите зла што ја уништуваат и најубавата врска. Да се релаксирам со... Моите другарки. Уживам со нив, посебно на масажа. За да се воспита среќно дете најважно е... Да му се даде целата љубов на овој свет. Најголем приоритет да ми е... Да ми е живо, здраво и среќно детето. Дека секоја жена може да има успешна кариера ако... Не ѝ се потчини целосно на кариерата. Ако сфати дека има живот надвор од работното место, ако сфати дека работата е во служба на нашиот живот, а не обратно, и треба да ни го олесни и да ни го разубави. Да се разгалувам со... Добра музика и многу љубов, не ми одат едно без друго. Кога сум тажна да... Да ја оставам тагата да си одлежи, да не ја туркам насила и ќе помине... Да се надградувам со... Поголемо знаење за како да израснам навистина среќно дете. 123