REBORN ПРЕПОРАЧУВА: ОД ДИСКО ХАУС ДО БОСА НОВА: РАЗГОВОР СО ТРОЈЦА СЕРИОЗНИ ЗАВИСНИЦИ ОД МУЗИКА Кој си ти кога никој не те гледа? Често размислувам за ова, па ме фасцинираат луѓето кои успеваат да отидат „во длабокото“, да си ја најдат својата пасија и потоа да ја негуваат, без компромис кон околината. Во нивна чест, доаѓа следната наша тема. Овој пат ќе ти претставиме неколку ликови кои имаат своја интимна, силна врска со музиката на свој начин, во своето секојдневие. Ние само ги лоциравме и едвај ги натеравме да го споделат своето музичко патување со нас, со надеж дека некому ќе дадат инспирација, нова насока во сопственото (музичко) ослободување на умот. Поопширната верзија од овие три интервјуа ќе можете да ја најдете кај нас на www.reborn.mk. Пишува: Искра од Reborn Фотографии: Лилика Стрезоска 114 *Текстот не е лекториран со цел да се задржи автентичноста
МАРИЈА ВЕЛИЧКОВА Родена си во Скопје и веќе 8 години живееш во Лондон, активно присутна на музичките настани таму, особено во електронската сцена. Колку таа средина го промени твојот музички живот? Нормално е дека самиот град ме дефинира во повеќе аспекти. Сакам да кажам, Лондон не е она што е ако не ти го расцепи мозокот на милион парчиња за да ти го состави по нов распоред. Ми го смени начинот на живот, смислата на животот, музичките преференции, како и приоритетите по кои се водев. Како и секое будало дете на 18 години што првпат се запознава со Лондон, се бутав кај не во толпата и уживав во сè што ми е ново и неискусено. Со секое искачање се доживува нова енергија на луѓе, нови звуци, па те поплавува бран од прекраснотии и стануваш заразен од истото чувство. Без разлика дали станува збор за вечерите на Лондон Џез Фестивал, хип хоп журка со хероите од детството или рандом вечер со електронска музика во складиште, ритамот кој ти останува во главата е оној по кој си во потрага наредниот ден. Мислиш ли дека музиката може да биде терапија за еден човек? Да се потсетиме на вечното прашање на Ник Хорнби: „What came first, the music or the misery?“. Дали обрнуваш внимание на текстовите во музиката или оставаш таа да добие свое значење, во твојот ум? Да ти вратам и јас со извадок по кој се водам: „If i can’t dance to it it’s not my revolution“. Верувам во моќта на музиката, па ја оставам сама да ме води. Секоја етапа на мојот живот има свој саундтрак и свој правец на музика. Растев во хип хоп од 90тите години, па преку џез стигнав до електронската музика, преку која некои артисти ме доведоа до копање на музика од Бразил или Колумбија од 60тите години, па од таму се доближив до Балеарската музика од Ибица во 80тите, ама без разлика. Нема крај. Не знам како оди распоредот, дали ти ја бираш или таа тебе, но секако има намена да делува терапевтско, дури и на сред подиум кога се тресе клубот. Како активен зависник од звук, музика и движење во ритам, претпоставувам дека колекцијата што ја имаш е голема, знаењето е веќе акумулирано, вкусовите горе-доле изделкани. Добиваш ли желба ова да го споделиш со другите во некоја форма? Ако ме прашуваш дали ќе станам DJ или ќе почнам да правам своја музика, одговорот е не. Има толку добра музика во светот за уште 10 животи да ги поткрепува и инспирира моите вистински амбиции, како јогата, нутриционизмот и фотографирањето. Пуштам музика од неодамна во Скопје сосема рекреативно само колку да си ја слушам музиката што ја сакам и да си поминам топ во град. Во моментов планирам хуманитарна забава каде што би ги продавала своите фотографии направени низ светот за да им помогнам на Анима Мунди и нивната борба за правата на уличните животни. Мора да се подигне свеста на народот, па ние сме сите одговорни за тоа што чекори низ нашите улици. Инаку, кога ќе заминам во Лондон, ќе ја завршам и кариерата како ДЈ (смешки). Издвој артист/и кои ти се актуелни во моментов - светски и македонски. Прашање што не знам баш да го одговорам, ама ќе ти кажам дека вечна инспирација ми се Intergalactic Gary поради диверзноста во неговото пуштање, Timothy J Fairplay за психоделиите и хаусот во слоу моушн во неговите траки и пуштањето, Alexander Nut заради огромниот изакумулиран спектар на музика, Andrew Weatherall за пост панкот, пост рокот и електрото. Колку и да сакам, не следам никаква друга сцена освен електронската во Македонија. Најчесто доаѓам на две-три недели во Скопје и тука ми е кругот на пријателите. Најчесто ќе ме најдеш во Капан Ан на журки и имам љубов и почит за сите наши артисти што ја одржуваат сцената во живот. Скопје ми е секогаш омилена дестинација. Дома си е дома, не? 115