За Рисима Рисимкин уметноста претставува живот и е нераскинлив дел и од нејзината личност. Нашата најистакната кореографка, уметничка директорка на „Танц фест“ Скопје, уметничка директорка и основачка на „Скопје танцов театар“, најпрвин како балерина, а денес како кореографка, создава танцова авангарда што се гледа и се чувствува, бидејќи, како што и самата вели – танцот е чувство на слобода и убавина. Ослободени од секакви граници кога е уметноста и танцот во прашање и љубопитни за непосредни искуства раскажани во прво лице, барем на еден ден влеговме во нејзиниот свет.
Инспирација Неодамна размислував за дејствувањето на уметницитеизбор на професија ги насочува кон поинаков начин на живот, поинакво опкружување, секојдневие, комплетно поразлични работни обврски од оние што работат од 9 до 5. Во случајот на уметниците, нивниот живот е уметност сама по себе... Кога вие откривте и сфативте дека сакате вашиот живот да биде уметност? Уметноста го прави животот поинаков. Да „пловиш“ во уметничките води значи постојано да си подготвен на нови необични предизвици, да истражуваш, да откриваш во себе предели што претходно не си ги знаел. Во животот на еден уметник ништо не е обично, иако и ние поминуваме низ секојдневните ритуали, сепак разбирањето за нештата е поинакво, па така и времето во кое работиме. За мене нема ограничувања, нонстоп сум поврзана со мојата работа. Дури и кога, наводно, не работам, не можам да се исклучам од уметноста. Од најмали нозе го обожавав танцот, уметноста е дел од мојата личност од кога знам за себе. Прагматичарите кои веруваат дека можат да го осмислат секој чекор што ќе го направат избираат т.н. сигурни, стабилни работни места, што ќе бидат и финансиски исплатливи. Се чини дека тие како да го градат мнозинството кај нас, бидејќи и денес на занимавањето со уметност од кој било вид се гледа како на хоби, што ќе помине во средношколските денови или во моментот кога ќе се најде „сериозна“ работа. Се соочувавте ли со вакви дилеми при растењето и како ги надминавте ваквите „кризи“ при изборот на професијата? Да се занимаваш со уметност е привилегија. Низ животот да те водат идеалите и соништата, а сепак да можеш да истраеш, да опстанеш е навистина возбудливо. Таквата одлука ми дава крилја, ми помага да ги надминам тешките моменти, бидејќи убавината на создавањето е единствена. Се разбира, секогаш е актуелно прашањето за егзистенцијата, но кај мене тоа никогаш не било примарно. Мојот живот е составен од креации, тие ме водат напред, секој нов почеток за мене е предизвик, можност за ново создавање. Потребата од креативност на некој начин ја совладува размислата за исплатливост, но секако, со правилно планирање, секој може да постигне одредена стабилност. Мислам дека квалитетот секогаш победува и доколку го поседувате, нема шанси да не успеете, каде и да сте. Тоа бара огромна посветеност и многу, многу работа, но на крајот успехот е неизбежен. Во моментот кога го напуштив Балетот при МОБ, веќе бев дваесет и две години вработена таму. Работам од неполни седумнаесет години, веднаш по завршување на средното балетско училиште, станав член на балетот. По дваесет и две години, имав потреба за нова средина и нови предизвици, сакав да ја променам средината во која дејствувам, да сретнувам нови луѓе и најмногу од сѐ, сакав да сум, на некој начин, ослободена од врска со институција. Така, станав слободен уметник. Сега, по речиси петнаесет години, можам слободно да кажам дека воопшто не згрешив и дека она што успеав да го создадам во овој период се гледа преку присуството на академијата, театарот и танчарите кои се присутни на македонската современа танцова сцена. Слободата во изборот на работата и неизвесноста што ја носи таа слобода е уште еден фактор за развој на секој уметник, бидејќи понекогаш неизвесноста ви дава друга димензија, откривате нешта што претходно не сте ги спознале. Пред вас се отвораат нови хоризонти, цел простор за ново дејствување, врати што претходно биле затворени. Влегувате во нов свет, каде што нештата добиваат друга димензија. Тоа е голем предизвик, да се совладаат пречките, пат што на крајот ве води до чиста креативност и уметничко создавање. Исклучително. Некаде прочитав дека својот уметнички живот го делите на два дела. Првиот е периодот кога сте биле балерина, а вториот кога станавте кореограф. Функционираат ли двата дела хармонично, се надополнуваат или, пак, се спротивни? Која Рисима од овие две е поблиску до вашата животна замисла, до вашето ултимативно себереализирање? Танцот за мене е мојот живот. Тој е дел од мене, во секој момент од моето живеење, а почнувањето на кореографската кариера, за мене беше пресвртница. Го обожавам тој дел од моето уметничко дејствување, бидејќи станав позрела и можев многу повеќе да дадам како уметник. Кореографирањето има друга димензија, тука вие сте комплетен креатор на целата претстава и за мене тоа искуство со секоја претстава е ново и неповторливо. Го сакам тој предизвик. Сепак, овие „два дела“ од мојот живот се нераскинливо поврзани. Искуството што го добив преку танцувањето ми овозможи да влезам на вистински начин во кореографијата, преку која создавам свој сопствен свет во уметноста. Воедно, ми помага при секојдневната работа со моите студенти, кои менторски ги водам низ светот на танцот, но се обидувам да им помогнам, да успеат да „танцуваат“ и низ животните предизвици. Но, дека вештите и талентирани во уметноста можат да најдат работна позиција што е своевиден врв во професијата доказ е и вашиот ангажман во МОБ. Па, сигурно многумина останаа зачудени кога, како што и самата кажавте, „бев првиот уметник од балетот кој ја напуштил сигурноста на државното вработување“. Каде ја лоцирате причината за ваквата промена? 31