МАЈА АРГАКИЈЕВА СЛАДОК СВЕТ ИНСПИРИРАН ОД НАЈМАЛИТЕ Фотографката Маја Аргакијева создава вистинска уметност за новороденчиња, бебиња и деца, фотографирајќи ги во најразлични моменти и ситуации. Со фотографија се занимава повеќе од 20 години, а со фотографирање бебиња, последните пет години. „По раѓањето на моите ќерки-близначки, Каја и Веда, во 2011 година, целосно го насочив својот фокус кон нив две, личен, како мајка, но и фотографски. Сè до моментот на нивното раѓање, немав некоја идеја дека ќе се занимавам со детска фотографија. Фотографирав сè, најчесто концерти и документарна фотографија. Фотографиите од нив две очигледно допреа до срцата на многу луѓе, па почнав да добивам барања за фотографирање и на други бебиња. Така, малку по малку, станав фотограф на бебиња, другото е историја. :) Работата со бебиња, а посебно со новороденчиња, е најубавото нешто што некому може да му се случи. Свесна сум за тоа и бескрајно сум благодарна“, вели Аргакијева. Фотографијата ѝ е голема љубов откако памети за себе, а нејзините почетоци, како што раскажува, се врзани за стариот фотоапарат „Зенит“ од татко ѝ. „Сè уште се сеќавам колку бев возбудена и фасцинирана кога го открив. Откако го купив првиот дигитален SLR-фотоапарат, не одев никаде без него и фотографирав сè што ќе ми се видеше интересно. Од 2004 година сум член на Фотоклубот ’Елема‘ од Скопје, еден од најстарите фотоклубови во Македонија. Имам учествувано на интернационални и домашни изложби и освоено повеќе награди. Последната е од годинешната меѓународна изложба по фотографии ’Фотомедија‘, односно прва награда за поединечна фотографија од Фотосојузот на Македонија (ФСМ) и диплома за колекција фотографии, исто од ФСМ. Наградените фотографии се од колекцијата ’Циркус‘, направени летово во Бугарија“, додава Аргакијева. Во овој број, погледнете ги слатките фотографии од бебиња!
Македонска фотографија