Локација: Чоколатерија Чоколарт Фотографија: Жарко Чулиќ БЛАГИЦА ПЕТРЕСКИ Треба да се надминат стереотипите за поделба на машки и женски професии Пишува: Тања Тодоровска Нееднаквоста на платите меѓу мажите и жените, освен што е присутна во нашата земја, зема сѐ поголем замав, особено кај жените со пониско образование. Заедно со Благица Петрески, која стои зад платформата за поголема родова еднаквост на платите во Македонија, „ЕдПлаКо-Мк“, поразговаравме за причините и факторите што доведуваат до ваквите статистики, како и за начините за надминување на ваквата нееднаквост. 40 Истражувајќи на темата за еднаквост на пазарот на труд, односно надминување на разликите во примањата меѓу мажите и жените, лесно се стигнува до онлајнплатформата „ЕдПлаКо-Мк“ – алатка за поголема родова еднаквост во платите во Македонија. Зад „ЕдПлаКо-Мк“ стои „Finance Think“, непрофитен институт за економски истражувања и политики, чијашто движечка сила е Благица Петрески. Благица, како дојде до создавањето на ваквата алатка, што беше повод за нејзино креирање и дали од нејзиното создавање, па до денес можете да кажете дека ги исполнила очекуваните резултати?
Wonder Womеn Кога се зборува за еднаквост на половите, главно акцент се става на еднаквата застапеност на жените и мажите. Застапеност на раководни функции, во различни тела и комисии, застапеност во политиката. Но, многу помалку се зборува за економската еднаквост. Дали маж и жена кои имаат еднакви објективни карактеристики (возраст, образование, стаж) имаат еднаква заработувачка? И тоа, кога се зборува за заработка, покрај основната плата, се земаат предвид и сите додатоци што еден вработен може да ги користи (службено возило, телефон, ручек или патувања). Недоволната свест за разликите во заработката помеѓу мажите и жените нѐ поттикна најпрвин да истражиме каква е состојбата во Македонија, а потоа и да ја создадеме веб-платформата „ЕдПлаКо-Мк“ – „Еднакви плати во компаниите во Македонија“. Платформата „ЕдПлаКо-МК“ нуди поволности и за индивидуалните лица, но исто така и за компаниите. За лицата овозможува мерење на објективната плата што можат да ја заработуваат, без притоа да биде значаен полот. А за компаниите да испитаат дали во нивните платни списоци постојат јазови помеѓу платите на мажите и жените. На ваков начин, очекуваме најпрвин да се зголеми свеста на лицата колкава е нивната објективна плата, притоа во процесот на преговарање за плата да знаат во кои рамки да се движат, а кај компаниите да се поттикнат да бидат фер плаќачи. Но, дека ова истражување и веб-платформа беа иновативни покажаа и добиените награди. За истражувањето добивме втора награда во светот за исклучителност во истражувањето од Глобалната развојна мрежа и јапонската влада; а за вебплатформата, „Finance Think“ беше прогласен за општествен иноватор во областа на родовата еднаквост од Обединетите нации и од Министерството за надворешни работи на Македонија и ја доби првата награда. Статистиките се поразителни и со факти ја поткрепуваат ваквата нееднаквост меѓу половите – жените во просек добиваат 12,5% пониска плата од мажите, а кај жените со пониско образование, овој процент достигнува и до 28,4%. Што сѐ, освен образованието, влијае врз намалувањето, односно зголемувањето на овие бројки – невработеност, мајчинство, сѐ уште активно втемелени машки и женски професии?... Во студијата „Анализа на родовиот јаз во платите кога жените се високо неактивни: Докази од повторени импутации со македонски податоци“ (Петрески, М., Мојсовска-Блажевски, Н., и Петрески, Б., 2014) испитуваме дали високата неактивност на жените на пазарот на труд ги објаснува разликите во платите. Македонија се карактеризира со висока стапка на неактивност на жените на пазарот на труд. Неактивноста на жените на пазарот на труд е дури 55%, во споредба со 33% кај мажите во 2015 година. Главни потенцијални фактори се традиционалните карактеристики на општеството, каде што жената е во улога на домаќинка и се грижи за обврските во домот и за одгледувањето деца; учествува како неплатен семеен работник, особено во руралните средини; како и долгорочна невработеност и ерозијата на вештини. Според карактеристиките, вработените жени се со подобри карактеристики од невработените, со поголемо искуство и во просек се помлади и со незначително повисоко образование. Фактот што овие жени не се вработени и не земаат плата ја искривува сликата за родовиот јаз во платите. Истражувањето покажа дека неактивноста на жените на пазарот на труд објаснува најголем дел од родовиот јаз во платите. Така, кога ќе се пресмета родовиот јаз коригиран за неактивноста на жените, разликата во плата помеѓу мажи и жени со исти карактеристики се сведува на 7,5%. Резултатите покажаа дека дискриминацијата во плата помеѓу мажи и жени се движи од 5,4 до 9,8%, а речиси и да не постои кај високообразованите жени. Идејата на „ЕдПлаКо-Мк“ е, освен на вработените, да им даде насоки и можност за тестирање и на работодавците. На кој начин е овозможено тоа? (и кај едните и кај другите) „ЕдПлаКо-Мк“ е веб-платформа што треба да ги поттикне компаниите да тестираат дали постојат разлики во платите помеѓу мажите и жените во нивните платни списоци, но исто така „Finance Think“ стои на располагање за давање на соодветни препораки како да се надминат овие јазови. Во моментот, „Finance Think“ има кампања преку која ги повикува работодавачите да се пријават за да ги тестираат платите во својата компанија. Компаниите кај кои нема да се идентификуваат јазови ќе се стекнат со лого за општествено одговорна компанија, што обезбедува еднакви плаќања помеѓу мажите и жените. Логоата ќе бидат доделени на промотивен настан, каде што ќе бидат прогласени за работодавач кој плаќа еднакви плати на мажите и жените за исто работно место или работно место со иста вредност. Ова е прв настан од ваков карактер и првпат ќе биде организиран во Македонија. Дали лично досега сте почувствувале сличен вид дискриминација? Како сметате дека треба да се постапи во ваков случај? Сум била и во улога на работник и во улога на работодавач и директно не сум почувствувала да бидам дискриминирана. Но, во нашето општество да бидете во „трка“ со вашиот колега бара големи откажувања, главно од слободното време. Секако, значајна е поддршката од семејството. Сепак, нееднаквоста во платите е глобален феномен. Актерката Патрисија Аркет говореше за тоа на доделувањето на минатогодишните „Оскари“, што беше проследено со аплауз на одобрување од нејзините холивудски колешки. Иако е јасно дека треба да се прејде на дејствување за да се забележат ефективни резултати, но и најмалите чекори напред претставуваат некаков прогрес. Следствено, кои се вашите препораки, мерки и активности што треба да се преземат за да се стигне до посакуваната цел? Можности и поддршка. Овозможувањето услови жената најпрвин да биде вклучена на пазарот на труд, преку отворање градинки за згрижување на децата, флексибилни работни часови и можности за доедукација во рамките на работното време се предуслов за фер третман. Дополнително, надминување на стереотипите за поделба на машки и женски професии и поттикнување на жените да се занимаваат со т.н. машки професии. Но, исто така, поддршката од партнерот, кршење на табуата дека – жената е единствено одговорна за домот и одгледувањето на децата е многу позначајна борба на патот за еднаква заработувачка. 41