ИГОР СПИРОВСКИ Игор, за тебе слушнав од Адо, еден од екипата на Пекинезерите (Летечки Пекинезери не е само бенд), како нивен драг истомисленик. За музичко-слушачките работи, знам дека си станал особено сериозен во последните неколку години, што беше клучно за оваа промена? Хм клучно за оваа промена? It’s a destiny call. Да, може да се каже дека запознавањето со нив како друштво ме измести од шарка, многу помлади од мене со огромна љубов и почит кон музиката. Пишуваат, свират, селектираат, во константен процес на откривање и уживање во различна музика. Се споија неколку работи. Запознавањето со Летечки Пекинезери, страшно вкусните музички селекции на Адо, Чакра, Сол, Шамба, престојот во витешкото музичко гнездо на Чика Љупчо од Jazz FM радио каде ги совладуваш основите на џезот преку неговата љубов кон Duke Ellington, неколку ноќи во теќето на моите драги пријатели Зоран Лазороски и Христијан Масевски, музичкото студио на Дуке Бојаџиев каде ги слушавме аранжманите на Шпато, Масевски, Бојаџиев, и тоа е тоа... Навлечен си. Сигурен сум дека секој еден кој умее да го почитува интелектот, индивидуалноста, естетиката и слободата, при ваква презентација ќе потоне во магијата на музиката. Имаш ли истомисленици во твојот музички свет или претпочиташ да го чуваш само за себе? Ах да… Браќата, сите погоре спомнати. Споделуваме, знаеш ние сме ти нешто као Dead Poets Society. Сите имаат милји поминато музика и се одлични музички селектори. Тоа е битен дел од секојдневното живеење, имаме ритуал кој го нарекуваме теќе. Споделуваме добра музика и животни сознанија, учиме еден од друг, си помагаме да останеме нормални. Се собираме кај некого и тоа е посебно доживување, секое теќе има посебна атмосфера и најбитното од сè: различна музика од онаа која си ти навикнат да ја слушаш. Треба да заслужиш просторот да добие титула теќе, најмногу со музиката што се слуша и атмосферата што се создава. Се вртат новите плочи и почнуваат разговори кои вообичаено се поголеми од животот, буквално. Тоа се собирања каде спиритуалното има приоритет над материјалното и така за момент го напуштаме реалниот свет и градиме наш паралелен свет, микрокосмос базиран на добра музика. Некогаш музиката е толку добра што саат време освен некој извик на задоволство, глас не можеш да чуеш. Е тоа е добра плоча, потврдена од критичко друштво кое уопште не е наивно… Хаха, таа одма иде на посебна полица. Слушањето музика на плочи е посебно самото по себе, дали го комбинираш со некаков ритуал? Од што се состои твојата колекција на музика? Повеќе го доживувам како слобода, немам некој посебен ритуал освен предизвикот да најдам плоча која кореспондира со моето расположение и да ги прочитам убаво liner notes. Вообичаено слушам музика околу полноќ, кога ќе си легнат малите и рано сабајле пред да отидам на работа. Е да, имам ритуал, доколку може да се нарече ритуал, покрај професионалните обврски уживам на патувањата да се мувам низ продавници за стари плочи. Мојата колекција генерално ја делам на 4 категории: џез, блуз, боса нова, World Music, но она што е навистина мое и при срце е музиката од касните 40ти и 50ти години на западниот брег на САД наречена West Coast Jazz. Ја сакам целокупната естетика од тоа време и тоа место, вибрира со живот и слобода. Ти си всушност доктор и работиш како интервентен кардиолог. Каква музика го убрзува, а каква го забавува чукањето на срцето? Да, има сознанија дека музиката влијае на здравјето кај луѓето. Слушањето на повторувачки ритам во времетраење од 10 секунди ја намалува срцевата фреквенца и срцевиот притисок (пример се делата од класичната музика), се лачи повеќе од среќниот молекул Допамин и затоа убаво се чувствуваме додека слушаме музика, но на крајот веројатно влијае слично како и љубовта. Центарот на мозокот каде се случува љубовта граничи со центарот на мозокот кој ја регулира срцевата фреквенца. Неговата возбуда при вљубување го вознемирува и центарот за срцева фреквенца и така срцето трепери па љубовта ја имаме сместено во срцето како орган. Одговорот на прашањето како и дали музиката влијае врз здравјето е верувањето дека влијае. Тогаш за сигурно влијае... Издвој артист/и кои ти се актуелни во моментов - светски и македонски. Bob Zieff – езотеричен автор и аранжер на џез музика, и два од Македонија: целокупното творештво и проекти на Летечки Пекинезери и The Јohn and the Space Rebel Gang by The Јohn and the Space Rebel Gang. 116
БЕНЗИН ДИЗЕЛ 1.25i 82КС | TREND 1.5 TDCi 75КС | TREND