ИВО СЕКУЛОВСКИ КРЕИРАЊЕ НА ФЛУИДНА ВИЗУЕЛНА МЕШАВИНА ПРИ ФОТОГРАФИРАЊЕТО Доколку треба да се наврати на своите почетоци, фотографот Иво Секуловски би ги сместил нив уште во периодот на основното училиште, кога првпат зел апарат во рака. Неговиот брат бил љубител на фотографијата и купил фотоапарат DSLR, што Иво почнал да го користи на тринаесетгодишна возраст. „Благодарение на брат ми, кому фотографијата му е хоби и денес, мене ми прерасна во професија“, вели Секуловски. Бил самоук и учел со испробување и експериментирање, до 19-годишна возраст, кога запишува студии по фотографија во Милано. За време на студиите бил асистент на неколку фотографи, а по студиите почнува да работи самостојно како независен фотограф. Денес, најчесто фотографира едиторијали за модни списанија и издавачки куќи, лични проекти и комерцијални фотографирања. „Кога не фотографирам, чувствувам огромно незадоволство и празнина. Фотографијата за мене претставува медиум преку кој можам да го искажам и да го пренесам тоа што го мислам и тоа што го чувствувам. Претставува идеален процес што ми овозможува да го анализирам она што е околу нас и да дадам нови визуелни предлози и видувања, а ме тера да видам работи и нешта што инаку никогаш не би ги видел или забележал“, вели тој. Особено обожава да работи на „биполарноста“ на фотографирањето што се крие меѓу тоа што е вистина и лага, факт и фикција и играта меѓу двете. „Со други зборови, мојата работа се состои во интересот за истражување на она што се смета за фотографски реализам, интуиција и конструирана фикција. Со комбинации од мртва природа, лични опсесии, сеќавања и понекогаш автопортрети се обидувам да создадам еден вид флуидна визуелна мешавина“, додава Секуловски. Тој вели дека инспирацијата доаѓа од секаде, од секојдневните навики, па дури и стереотипи, книги, текстови, изложби, музеи, истражувања... „Сакам кога нешто навистина ме вознемирува или ме интригира, така знам дека тоа е она што сакам да го фотографирам“, завршува тој. Досега, Секуловски има учествувано на повеќе групни изложби, но ја издвојува како една од позначајните изложбата организирана од дизајнерот JW Anderson минатиот месец во Лондон на која учествуваше и Секуловски со свои фотографии. Негови фотографии се објавени на голем број интернет-страници и во многу комерцијални, но и независни списанија, меѓу кои се: „Хангер ТВ“, проектот „The Photographic Dictionary“, „Der Greif“, metalmagazine.eu, „Вог“ (Италија), „Ел“ (Британија), „Ел“ (Хрватска), „Флер“ (Италија), „Факинг јанг!“, дигиталниот магазин „Кактус“ и други.
Македонска фотографија