кул ту НИКОЛА УЗУНОВСКИ УМЕТНИК ра Подготвуваат: Ружица Антиќ & Душан Стојковиќ Фотографија: Жарко Чулиќ 96 *Текстот не е лекториран со цел да се задржи автентичноста
ID Имам поминато дванаесет години во формално, специјализирано образование, од кои вторите шест години од ова образование билe убедување дека сѐ што ме учеле првите шест години било тотално погрешно. Оваа контрадикција ме наведе по трипати да се преиспитувам и да ги проверувам фактите пред да ги прифатам нештата. „МОЕТО СОНЦЕ“ „Моето сонце“ е проект во развој, не е завршен и не знаеме дали ќе се заврши некогаш. Но, идејата е да се покаже дека група луѓе се обидува да создаде утопија како сонце за некој што го нема. Проектот од еден аспект е истражување што следи научни методи што се користат на слични проекти од аероинженерството, но бидејќи овој проект нема да може да се користи масовно, неговата главна цел е да пренесе порака и да инспирира други луѓе да реализираат слични проекти. Проектот дава пример како луѓе со ист интерес од разни страни од светот можат да соработуваат преку мрежи на краудсорсинг и краудфандинг и да реализираат вредности или продукти на начин што не бил претходно достапен. А главната метафора на проектот е важноста на употребата на сончевата енергија, односно големата економска промена во современото општество, што се стреми да го замени производството на енергија од горива, со одржливите извори на енергија како сонцето. ЖЕЛБИТЕ СЕ ОСТВАРУВААТ... „Желбите се остваруваат“ е изложба што се состои од реконструкција на работилницата на Дедо Мраз, што се наоѓа во Лапонија, соба полна со маси, а на масите писма со желби од целиот свет. Посетителите можат да седнат и да ги читаат желбите на децата од целиот свет, но на масата стои и книга со статистичко истражување на желбите, каде што може да се види дека желбите кои децата ги посакувале се создадени или наметнати од контекстот во кој живеат. Изложбата и истражувањето се наменети за да ја подигнат свеста, за тоа како општеството влијае врз нашите лични избори и желби и како нашите желби се рефлектираат во општеството. СНЕГ „Снег“ е серија фотографии од снег, фотографирани на над сто различни локации низ светот. Од големи градови како Стокхолм, Хелсинки, села во Лапонија, до познати скицентри како Кортина, Инсбрук. Фотографиите се намерно фотографирани со подолга експозиција за филмот да биде тотално бел, така што при принтање хартијата излезе од принтерот иста каква што била и пред принтање. Проектот содржи процес на продукција како нормален фотографски проект што следи одредена тема, но визуелно не претставува ништо. Проектот е да се пренесе вредноста од уметничкото дело, на личното искуство на гледачот. Главниот дел од делото да биде имагинацијата и субјективната вредност што ја создава гледачот. На пример, ако некој го поминал детството скијајќи на Маврово, во белата фотографија од снегот од Маврово го гледа сопственото искуство и сеќавањето на Маврово. ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА Земајќи ја дефиницијата на љубов од енциклопедија јас само го ставам гледачот во контекст да си ја преиспита својата дефиниција на љубовта. Додека ја чита дефиницијата гледачот автоматски се сеќава на своите најемотивни искуства и така тие стануваат дел од делото, па затоа делото е насловено „Една и единствена“, зашто секој има свое незаменливо искуство. Токму ова сакав да го пренагласам и да го претворам во уметничко дело. Ова дело е и некаков вид критика или надополнување на концептуалните дела на Џозеф Косут, кој со делото „Еден и три стола“, каде што зема еден стол, фотографија од истиот стол и дефиниција од речник што е стол, кажува дека важен е концептот за кој се зборува, а не како е претставен. Ова дело кажува дека и работите што не ги кажуваме имаат исто значење како тие што ги кажуваме, но важно е да си ги преиспитуваме вредностите и да ги редефинираме, ако е потребно. НАЈГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК Кога го почнав проектот „Моето сонце“ прво отидов во скандинавските земји, за кои овој проект е наменет, но во две години, чукајќи на врати, речиси секаде го добивав истиот одговор: „Супер идеја, ама тука никој нема да ти даде пари за тоа“. Во Скандинавија луѓето се многу рационални и штедливи и не се навикнати да трошат пари и време на утопии. Тогаш размислував да се откажам од проектот, но кога се вратив во Италија и ме прашаа каде сум бил и што сум правел, им кажав, а некои куратори и колекционери препознаа одлична идеја и вложија пари за да почнеме да работиме. Тука, на луѓето би им било подраго да трошат пари за утопии отколку да штедат. Подоцна проектот го поделив на низа работилници и секоја работилница беше во соработка со друга институција или друг универзитет и проектот одеше нанапред, но секој стадиум беше покомплициран и поскап од претходниот. Последните неколку години не можам да најдам доволно буџет да се направи некое значајно унапредување, но не значи дека нема шанси тоа да се случи во иднина. УМЕТНОСТА Е СЛОБОДА Уметноста е ослободување, ослободување од идеите што ни се вртат низ глава и барање истомисленици кои се борат за истите идеи што ни се вртат низ глава. Уметноста е борба, борба за изгубените вредности и можните иднини. Уметноста е крик, искажување на идеите на пренагласен начин, да бидеме колку што е можно подалеку слушнати и појасно разбрани. НИКОЛА, ГРАЃАНИН НА СВЕТОТ Роден сум во држава што денес не постои, а имам живеено во градови и држави што се толку различни едни од други, што се речиси неспоредливи, така што сигурно имам изгубено каков било национален идентитет. Секаде се чувствувам како странец, бидејќи не се вклопувам во локалната култура, но секаде низ светот имам пријатели кои ми прават чувство дека секаде сум дома. Проектите што ги работам се најчесто во соработка со луѓе од целиот свет, се продуцираат или комуницираат на разни локации и во различни контексти. Наменети се да отворат дискурс на актуелни теми што продолжувам да ги обработувам, преиспитувам и редефинирам. 97