РАСПОЛОЖЕНИ ЗА ДОБРА КНИГА „ВРЕМИЊА НА ИГРА. ДЕТСТВО ВО ТРАНСИЛВАНИЈА“ – КЛАУДИУ М. ФЛОРИЈАН [АНТОЛОГ] Ова дело, опиено од мирисите на детските игри и на убавите спомени, ги опишува настаните поврзани со едно мешано германско-романско семејство што живее некаде близу градот Брашов во седумдесеттите години на XX век, видени и пренесени преку очите на едно шестгодишно дете. Живеејќи помеѓу два различни менталитета, на германските Саси и на романските Олтенци, момченцето се обидува да ги опише и да ги разбере премрежињата низ кои минале неколку генерации од двете семејства, притоа опишувајќи ги парадоксите на различните идеологии, култури и религии конфронтирани на различни нивоа. За него сите настани се само игри што ги играат, не само децата туку и возрасните, и тоа во домот во кој живее, на улицата пред куќата, во маалото каде што го поминува времето. Романот е добитник на престижната награда за литература на Европската унија за 2016 година. „ТРНЛИВА ВИСТИНА“ – ЕЈЛИН ГОУЏ [КУЛТУРА] Од авторката на книгата ЖЕНА ВО ЦРВЕНО Книга исполнета со непредвидливи ситуации и епилог што никој не може да го замисли. Рејчел и Роуз, сега жени со возрасни деца, конечно се соочуваат со судбината што ги прогонува речиси половина век кога беа заменети во болницата. Она што сега им се заканува може целосно да им го загорчи животот и да ги открие длабоко скриените тајни: претстојниот брак на способниот и грижлив син на Роуз и проблематичната ќерка на Рејчел. Уште еднаш двете жени и нивните семејства се спротивставени едни наспроти други. Рејчел дознава дека нејзината мајка, Силви, умира. Само Роуз знае дека Силви е всушност нејзина мајка – и таа копнее да биде признаена како ќерка на Силви, пред да биде доцна. Роуз ѝ се обраќа на мајка си за помош. Со изнемоштеното здравје, а сепак силна по дух, Силви мора да избере помеѓу комплицираната мрежа од лаги... и вистината што ќе ги уништи животите на двете нејзини ќерки – како и на нејзината кревка внука – пред да почне да се лекува. „ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС“ – КАЛИА ДИМИТРОВА [ТЕМПЛУМ] „Вештерките денес“ е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава – баш како самата Калиа. Освен тоа, книгата има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман. Лирскиот субјект во „Вештерките денес“ е самосвесната (горда на својата женскост) млада девојка, бунтарка, сугестивна, духовита и шармантна – но идентификацијата на читателот сепак не оди толку мазно, зашто Калиа, склона кон провоцирање и „нарушување на јавниот ред и мир“, на својата почва поставила нагазни мини. Стилот на Калиа е емотивно реалистичен, со нежни ретки преплетувања на фантастични слики и евокации. Нејзиниот јазик на моменти е колоквијален и „баналистички“, но интересно е што зад често слаткавата површина се кријат бруталистички замки. Дражеста наеднаш станува вражесна. Книгата е прва во новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа „Темплум“, посветена на Огнен Чемерски. „ДЕВОЈКАТА ШТО ПИШУВАШЕ НА СВИЛА“ – КЕЛИ ЕСТИЗ [ТРИ] На островот Оркас штотуку дипломираната Инара Ериксон го истражува имотот на својата неодамна почината тетка, која ѝ го оставила во наследство. Случајно наоѓа внимателно скриено, извезено парче свила. Додека ги разоткрива слој по слој тајните што ги крие тоа, животот почнува да ѝ се испреплетува со животот на Меј Лиен, младата Кинеска која пред повеќе од еден век била протерана од својот дом. Низ приказните што Меј Лиен ги раскажува везејќи ја свилата, Инара ја дознава трагичната вистина што длабоко ќе го потресе нејзиното семејство, а неа ќе ја натера да се осмели на незамислив чекор... Инспириран од вистински настани, брилијантниот историски роман на Кели Естиз е потресна приказна за две жени поврзани со времето и судбината. Жени со силен дух и достоинство, цврсто решени да постапат правилно, независно од цената што треба да ја платат. Зашто додека не се каже вистината за минатото, не може да се најде спокој во сегашноста. 92 Не запирајте со читањето тука: испратете ни е-пошта со вашите податоци на contact@portretmag.com и освојте една од книгите погоре.
Портрет поддржува македонска поезија СОБА ВО БЕРЛИН мапата на Фабиан спие на сини бранови кои проаѓаат низ неговата растурена соба. неговите сни цутат од стар цветен килим, кој ја носи пролетта назад во Берлин. неговото огледало ти се смее со лик на минат љубовник. не успеваш да го видиш, само можеш да преспиеш на неговиот тврд кревет. Калиа Димитрова од збирката „Вештерките денес“, 2018 93