Колумна Страв од летање Имам многу стравови поврзани со моите деца, што секој ден ми се засилуваат. Ќе пробам да ги класифицирам, за подобро да разберете што ме мачи. Првиот страв ми е дека кога тогаш ќе го сфатат бенефитот на „celebrity“ родител и ќе го користат на најлош можен начин. Затоа без престан им повторував како мора многу да учат, сами да заработуваат за да бидат самостојни и од никого да не зависат. Но кога мојот најстар син почна да зборува дека ќе студира во странство затоа што тука нема добри факултети и нема да може да заработува многу пари, сфатив дека тоа е резултат на моето „попување“. Можеби имав добра намера, но пристапот ми беше погрешен. Вториот страв ми е поврзан со класичните тестостерон приказни за растењето на машки деца, односно се плашам дали ќе учествуваат во тепачки, дали ќе сакаат да возат мотори, дали ќе ми ја крадат колата. Па така без престан им раскажував мини хорор приказни за сообраќајки, возев секаде со 40 км на час, и на секое разминување со мотор, додека ги возев гласно ццкав... Но еден ден седевме со друштво во еден локал на Партизанска и кога помина мотор со голема брзина, моите тројца синови, во истата секунда на глас викнаа: „Будалаааа...“. На сите им беше многу смешно, најстариот син се посрами и се налути, средниот дополни дека сите што возат мотори се будали, а најмалиот без престан повторуваше будалааа. Охооо и за овој мој страв можеби имав добра намера, но пристапот дефинитивно ми беше погрешен. Третиот мој страв е исконски и малограѓански (ве молам не ме осудувајте). Се плашев дека нема да бидат блиски кога ќе пораснат и ќе имаат свои семејства. Па затоа држев лекции дека со кого и да се дружат, какви и да им се девојките, жените, не смеат да дозволат да се скарани или разделени. И тогаш еден ден средниот син ми кажа дека нема да збори со девојката на Л. зашто таа ќе биде лоша и ќе сака браќата да се скараат. Мајко мила што направив! Без никаква лоша намера, со многу погрешен пристап, до свекрва од шпанска серија. За стравовите поврзани со нивното здравје, не сакам ни да пишувам. Доволно е ако кажам дека кога некој од нив е настинат, од мојот однос и атмосферата дома, друг прашува дали брат му ќе умре. Ги преполнив ли моите деца со стравови, предрасуди само затоа што премногу се плашам да не им се случи нешто? Пробав да разговарам со моите родители, но добив ироничен одговор; „Опаааа си заборавила кога те пуштавме во град до 11:30 часот, а ти среќна си доаѓаше во 3 сабајле и додека ние бевме пред нервен слом, ладно ни одговараше дека си спремна да си ја одлежиш казната и дека нема да излегуваш следниот викенд. Епа сфаќаш ли ние колку сме биле беспомошни“. Ова дефинитивно не беше одговорот што сакав да го слушнам. И додека размислував како од толкаво гомно, на крај сум завршила волку нормална, ми текна една вистина. Многу години пред да станам немилосрдна пубертетска кучка, не научив добро да пливам зaшто слушав кратки хорор приказни за давеници. Не научив да скијам зaшто пред секое зимување слушав кој скршил нога, рака и каде. Па на крај испадна дека сум аматер за црни сценарија, во однос на моите родители. И тогаш сфатив дека моите погрешни пристапи, се цел еден животен процес. А стравовите се тука за да растат и стареат во нас. Тука се како извртена форма на најсилна љубов да нѐ потсетуваат дека безброј глупости ќе бидат правени. Дека ќе дојде денот кога ќе сфатиш дека мораш да го пуштиш своето дете, да биде дете не светот. Ќе дојде ден кога ќе бидеш нем сведок на разделби, кои премногу ќе болат, на растење што единствено поминува со солзи. И ќе треба да оставиш тоа да биде така, иако ќе чувствуваш дека би можела да одиш до крајот на светот, само за да ги смениш работите. Со годините ќе научиш стравовите да не ги изговараш гласно. Ноќе да ги шепотиш во себе, а дење како вистински борец да се бориш и да се надеваш на најдоброто. 12 Ружица Антиќ *Текстот не е лекториран со цел да се задржи автентичноста
ОВАА ПРОЛЕТ ОРОЧЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ЗАШТЕДИ ПО НАЈПОВОЛНИ КАМАТНИ СТАПКИ