Портрет на уредникот Билдинг на умот Пред извесно време забележав дека местата што ги посетувам ги помнам по мојата емотивна состојба што преовладувала на патувањето. Па, така, ако некој град сум го посетила тажна или потиштена, кога ме мачело нешто, никогаш не можам да го доживеам како преубаво место, колку и да било магично. Затоа, додека го подготвувавме овој број и имав можност да слушнам две млади и успешни девојки, кои избраа храбро да зборуваат за своите психолошки состојби, чувствував огромна почит за нивната храброст. Во земја во која најчесто родителите нè советуваат дека никој не треба да знае како се чувствуваме, навистина е реткост некој да одлучи дека нема да влезе во тие шаблонски рамки и со својот пример ќе инспирира некого да побара помош. Во рубриката „Моја борба“ Николина Мицкоска својата лична борба со депресијата, што лекарите ѝ ја дијагностицирале на 19 години, ја опиша со надеж дека конечно менталното здравје и грижата за него, ќе излезат од стигмата длабоко втемелена во општеството. „За жал, во мојата битка со депресијата и анксиозноста изгубив неколку блиски личности. Губењето на пријателството го поднесов многу тешко, но со текот на времето сфатив дека не може секој да ја разбере ситуацијата, ниту, пак, е емоционално подготвен да се соочи со такво нешто.“ Со Мартина Марковска, девојката од насловната страница, сме соработувале многупати, таа била дел од многу наши модни едиторијали и секогаш сме биле презадоволни од нејзината професионалност и посветеност. Затоа особено ме радува, што таа во нас препозна медиум преку кој на најотворен начин може да ја прати пораката дека анксиозноста, паничните напади и депресијата можат да му се случат секому и дека единствена правилна одлука е да побараш помош најбрзо што можеш. „Срцето ти чука толку силно што мислиш дека ќе ти излезе од градите. Се потиш интензивно, губиш рамнотежа, се бориш за здив и помислуваш дека ќе умреш. Сето ова трае од 5 до 30 минути, што ти изгледаат како вечност. Стравувањето дека пак ќе добиеш паничен напад е причината што се појавува повторно. И така влегуваш во оној ’магичен круг‘ за кој мислиш дека нема излез. Од моето искуство, не постои правило, кога, каде и со кој интензитет ќе добиеш паничен напад.“ За крај, сакам да ви посакам месец исполнет со сопствен мир и себеразбирање. Зашто, како што е важно и сите интензивно работиме на правење „тело за на одмор“, многу поважно е и да работиме на дух за секаде. Како што секое лето си даваме шанса дека следното ќе изгледаме подобро и вистински веруваме во тоа, така секое утро се надеваме дека денот ќе го почнеме со мирна глава и со спокојни мисли. Но, треба да сфатиме дека и за тоа треба вредно да работиме и да се радуваме на секој мал чекор во вистинскиот правец. Ружица Антиќ 10
Добра ноќ на грижите. Грижата за вашето здравје никогаш не била подостапна. Лекување без упат од матичен лекар, покритие за оперативно лекување во Словенија со вклучени патни трошоци и неверојатни бенефиции за деца се само дел од поволностите што ги опфаќа овој семеен пакет. Специјалистичко вонболничко и болничко лекување и осигурување на операции Избегнете ги непредвидените трошоци и обезбедете врвна здравствена нега за вас и вашите најблиски. Сè ќе биде во ред. triglav.eu triglav.mk