Колумна АНА ЈОВКОВСКА новинарка, авторка и активистка КОРЕНОТ НА ЗЛОТО НЕ МИ Е ВАЖНО ДА БИДАМ ПОДОБРА ОД ДРУГИТЕ, ТУКУ ВАЖНО МИ Е ДА БИДАМ НАЈДОБРА ВЕРЗИЈА НА СЕБЕСИ Ви благодарам на вниманието, бевте одлична публика! Го исклучувам микрофонот, станувам од модераторското столче, слегувам од сцената и посакувам најбрзо што може да се скријам од рефлекторите. Камен ми стои во грло. Пијам вода од шишето на екс, како да сум дехидрирала. Ги барам со поглед моите блиски луѓе низ толпата, за побрзо да ме снема меѓу нив. Ги излажав дека беа одлична публика. Никакви беа! Повеќето од луѓето во публиката беа дојдени за крв, а не за да слушнат различни мислења и да научат нешто ново. Сепак, низ насмевка ги поздравив по три часа биење битки во дебатата што ме истошти како да сум трчала маратон. Психичкиот напор често е потежок од физичкиот, а модераторот мора да ги балансира зовриените страсти. Морав да ја спуштам топката. 110
Колумна Немаше друг начин да ја смирам тензијата што владееше во просторот, освен да им речам дека сите имаат право на свое мислење, иако нивните ставови беа одраз на една грозна реалност што ја живееме години наназад. Насилството, во која и да е форма, вербално, психолошко, структурно... може да се дисциплинира само со добар збор. Немав намера да играм „чикен“ со зборови со публиката, која им се нафрли на говорниците како да сакаше да ги линчува, иако на моменти ми доаѓаше да им ја плеснам вистината в лице и да им одржам кратка лекција по цивилизирано и аргументирано дискутирање. Притисокот сигурно ми беше 200, но решив да дишам длабоко, изброив до десет и продолжив со умерен тон на гласот и со блага нарав. Јавните настани или настапи, сеедно, те тренираат да станеш зен-мајстор. Барем така се тешам што одамна веќе не вежбам јога. :) Како модератор треба да умееш да ги препознаеш чудните енергии на луѓето и секогаш да си подготвен дека ситуацијата може да излезе од контрола. Сум имала многу такви искуства. И сè ова немаше да ми остави толку силен впечаток, ако не продолжев да размислувам зошто младите луѓе денес се однесуваат толку агресивно. Не се агресивни во барањето на своите права (тоа сосема би можела да го разберам, па и да го оправдам), туку во потребата да го деградираат другиот и да го распарчат туѓото мислење. Иницијацијата на насилничкиот тон почнува со немањето трпение вистински да се слушне другиот и да се почитува и оној што размислува различно од нас. Паланечката филозофија – или мислиш како мене и си со мене или си против мене, длабоко ни го осакатила општествово. Имав цел пат до дома пеш да мислам за коренот на проблемот... За коренот на злото... Плус бев со штикли (високи потпетици) :) па одот ми беше неизбежно бавен. Имав долго време за размислување. Ние бевме деца на топката. Овие денес се деца на тастатурата. Игравме на улица, под сенките на крошните на дрвjата. Децата денес рефлектираат на сината светлина од мониторот на компјутерот. Ние се валкавме во кал, додека тие, денешните деца, голтаат валкани информации на социјалните мрежи. Развивавме фантазија како да „изградиме“ куќи и дворци од ливчиња и песок, а ним денес сè им е достапно на тацна. Овие партитури не се патетичноносталгична песна по старото време, туку потреба од преиспитување како растат децата денес. Како овој современ ѕвер нè голта во капиталистичката челуст? Младите се робови на технологијата, а до каде тоа може да ескалира нè предупредуваат фрапантните стории за злоупотреба на деца и млади преку интернет. Неодамна слушнав дека има нов тренд каде што тинејџери од цел свет, поврзани преку разни групи на интернет, се сечат себеси, натпреварувајќи се кој подлабоко ќе продре со ножот под својата кожа. Ужасно! Боли уште на самата помисла! САД и Русија водат во бројот на жртвите од овој болен синдром. Сечењето по (или под) кожата, психолозите го објаснуваа како патолошка потрага по загубената смисла, длабоко во себеси. Некој ќе рече дека и во „наше“ време имаше разни секти, што вешто и подмолно ги заведуваа младите да изградат култ околу некоја личност или кауза (најчесто без никаква логика и рацио), но денес моќта на заведувањето е многу поразорна заради лесната достапност до информации и заради големата изложеност на личните податоци. Денес, заведувањето, маскирано во модерните технолошки болештини, носи свилени ракавици. Далеку од тоа дека сум од оние луѓе кои интернетот го сметаат за бизнисот на ѓаволот, но опасностите од неговата неконтролирана употреба од страна на децата и адолесцентите се многубројни. Примеров со заведувањето на деца, кој ескалира и со голем број самоубиства меѓу младата популација, можеби е екстремната страна на технолошкиот вампир кој нè голта сите, а сепак не сме далеку ни од домашните нус ефекти од прекумерната злоупотреба на социјалните мрежи. Локалните ситуации секако дека се побезопасни по физичкиот интегритет на младиот човек, но разорни се за духовниот интегритет. Социјалните мрежи често ги споредувам со канализација по која површно пловат разни валканици (избегнувам подегутантен збор, а би го употребила!). Отвораш „Фејсбук“ или „Твитер“ и лавина од зли коментари, полни со фрустрација, а празни од аргументација, се шират на разни теми актуелни во државава. Луѓето имаат потреба виртуелно да го истурат својот гнев. Едни се жедни за сензации, други се гладни за шпекулации. Па, така, додека една информација стигне до својата вистина, по пат ќе се закити со милион предвремени заклучоци од сезнајковци, дежурни мрчатори и експерти за сè и сешто. Изгледа дека сме општество со најголем број експерти по глава на жител. :) Да не се разбереме погрешно, јас сум голем „фан“ на критиката, но кога таа е конструктивна и мотивирачка. Кога аргументира, а не кога етикетира. Кога зборува со факти, а не со впечатоци. Кога сплотува, а не кога прави нови поделби. Кога укажува за да ги подобри состојбите или луѓето и кога се обидува да направи промени, а не само кога се празни од гнев, без грам одговорност да понуди решение или да преземе акција. Со таквиот тип на злонамерна критика имам проблем, оти отвора нов круг на зло, наместо да понуди идеи за решенија. Таквите дежурни мрчатори најчесто се малициозни во своите намери. И можеби и нема толку да ми бодат очи, ако во исто време на социјалните мрежи има и по нешто убаво. Зрак светлина во тунелот. Некој добар совет, некаква животна филозофија што ќе те инспирира и ќе те натера да размислиш како живееш, каде движиш и како можеш да придонесеш кон подобар свет. Нешто што ќе те натера да имаш повеќе разбирање, повеќе трпение, повеќе емпатија, повеќе одговорност за животната средина, за културата, за другиот, за сè... Нешто што ќе те мотивира да направиш добро дело, без притоа да калкулираш што ќе добиеш за возврат. Нешто што ќе го надмине синдромот „козата на комшијата“ и ќе те поттикне секој ден да бидеш подобра верзија на себеси. Јас конечно решив дека не ми е важно да бидам подобра од другите, туку важно ми е да бидам најдобра верзија на себе. Се разбира, сè почнува од својот круг, во своето маало, со своите луѓе, за своите колеги и (со)граѓани. Само треба да си доволно свесен (или освестен) :) за да почнеш камче по камче да поместуваш планини. „Биди ти промената која сакаш да ја видиш во светот“. Постојано го цитирам Ганди, оти во оваа реченица се крие тајната на мудриот и на одговорниот живот. Секое празно плапотење на „Фејсбук“ и секое удирање по тастатурата во револуционерен ритам е „млатење празна слама“ ако не си подготвен со промените да почнеш од себеси. Од денеска, не од понеделник. :) Од СЕГА! 111